Баби, дедовци, снаи, свекрви, неретко во скопските станови се живее на купче. Малите плати, а скапи станови се најчеста причина и младите и старите долги години да си живеат во заедница иако никому не му се допаѓа оваа ситуација Дали, конечно, оваа состојба се менуваа?
- Порано незамисливо ми беше со мојата плата од 18 илјади денари да купам стан. Немав ни помош ни кај да се обратам, а и кредити не даваат толку лесно. Сега читам по огласиве двособни станови се продаваат и за 40 илјади евра. Иако и тоа ни е многу сепак со мојата и платата на жената ќе скрпиме некако да отплаќаме кредит. Најчесто овие станови се во периферните населби, но мене ми е битно да имам кров над глава и конечно со моето семејство да си имаме свој дом. Градоначалниците на овие општини треба да се потрудат и тие места да бидат атрактивни за живеење, а не сите да се буткаат само во неколку општини, објаснува Тихомир К. од Ченто.
Во огласите на интернет-порталите за продажба на недвижности може да се види дека квадрат чини од 500 евра, па нагоре. Секако најнадувани остануваат цените на становите во Центар, Аеродром и Карпош. Најевтини се оние што се продаваат во Гази Баба, во Железара и Ченто каде што цената во новите градба е 700 евра за квадрат, исто така и во Ѓорче Петров, Бутел, Кисела Вода каде што во постарите згради може да се најде и под 700 евра за метар квадратен. Убедливо меѓу најниските цени чини и метар квадратен во Чаир.
- Сега во центарот на Скопје, може да се најде стан од 1150 евра за метар квадратен, но проблемот е во тоа што купувачот добива за таа цена. Најчесто во цената не влегува паркинг-простор, бидејќи во центарот на градот е зонско паркирање, па и доколку се реши тоа со годишна претплата, никој не ти гарантира дека кога ќе си дојдеш дома ќе имаш слободен паркинг. Исто така и во цената на квадратот не влегува гаража, а нивната цена се движи околу 15 илјади евра. За секој квалитетен стан, односно со добар распоред и со разумна цена, секогаш има купец, објаснува Слободан Митровски од агенцијата за недвижности "Асторија".
Становите најевтини во Топаанско, најскапи на ул. Македонија
ЛОКАЦИЈА |
КВАДРАТИ |
ЦЕНА |
Топаанско |
57м2 |
28.000 евра/ 491 евра м2 |
Ченто |
50м2 |
35.000евра/700 евра м2 |
Автокоманда |
49м2 |
38.000евра/775евра м2 |
Ѓорче Петров |
87м2 |
53.000 евра / 600евра м2 |
Скопје-Север |
60м2 |
45.000евра/ 750евра м2 |
Козле |
103м2 |
85.000евра/825 евра м2 |
Карпош 4 |
74м2 |
59.000 евра/800 евра м2 |
Скопјанка |
88м2 |
84.000евра/950 евра м2 |
Ново Лисиче |
52м2 |
47.000евра/900евра м2 |
Црниче |
51м2 |
55.000евра/1078евра м2 |
Водно |
51м2 |
58650евра/1150евра м2 |
Дебар Маало |
63м2 |
74.000 евра/1170 евра м2 |
Улица “Македонија” |
110м2 |
150.000 евра/1360 евра м2 |
Агентите на недвижности велат дека еден од проблемите на пазарот со продажна на недвижен имот е и што цената на старите станови и на новоизградените е скоро идентична, а причината за тоа е искористеноста на квадратите, односно дека во постарите станови многу пофункционално е искористен просторот, додека во новите тоа не е случај.
- Во поголемиот дел од становите не се доволно искористени станбените квадратни метри, она што го изработуваат поголемиот дел од архитектите е изградба на луксузни станови од 90 до 120 квадрати, иако според мене тоа не се луксузни станови, бидејќи оние што сакаат да добијат луксузно место за живеење прават куќи од по 600 квадрати. Од друга страна, се прават мали станови од 54м2 со една спална, што за мене мислам дека тоа не е мал стан и во кој може да се направат две спални соби со добар распоред, значи главен проблем е распоредот на становите, додаваат агентите.