Концертна арена на отворено, модерен аквариум на два спрата, нови автобуси и бесплатен превоз

На неколку денови сме до локалните избори, градот е полн со билборди, а телевизиските канали со дебати и реклами. Секој од кандидатите за градоначалници од сопствена призма го гледа градот и ветува различни проекти, помалку или пак повеќе популистички.

Фокусот на кандидатите за градоначалници се зелени и модерни проекти, а посебно интересни и атрактивни се проектите поврзани со јавниот превоз.

Осврнувајќи се на новата програма, Шилегов пред неколку денови го најави проектот Скопје смарт сити, со кого Скопје ќе стане град без шалтери и прв целосно дигитализиран град.

Со Скопје Смарт сити, Скопје станува град без шалтери! Сите плаќања и сите документи ќе бидат достапни на интернет и на телефон.  Преку истиот проект се поставуваат 10.000 нови лед светилки со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, вело патеки и тротоари“, кажа актуелниот градоначалник на Скопје.

Шилегов во својата програма ветува и секојдневен бесплатен превоз за пензионерите.  Доколку го освои вториот мандат како скопски градоначалник, Шилегов рече дека ќе овозможи и бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и за лицата со попреченост до здравствените институции во градот.

Два големи проекти во скопската зоолошка градина најавува Шилегов. Првиот проект е савана за африканските животни и модерен аквариум на два спрата кој ќе биде едукативен центар.

Бесплатен јавен превоз за сите скопјани  ветува и кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, а актуелниот градоначалник Петре Шилегов, кој е во трка за втор мандат, пак, вели дека е запрепастен од евтините и популистички ветувања.

Бесплатниот јавен превоз за сите скопјани и понудата на избор за жителите за еколошка алтернатива на нивните автомобили, Арсовска ги претстави како еден од проектите во нејзината изборна програма и рече дека вакви решенија досега има во Франција, каде што тоа веќе функционира во повеќе од 30 општини. Исто така, таа наведува дека во 2013 година во Естонија, Талин, стана првиот главен град на ЕУ што направи промена, а минатата година Луксембург, со население од 626 000 жители, стана првата земја што понуди целосно бесплатен јавен превоз.

Обезбедување на 250 нови еколошки автобуси и бесплатен јавен превоз како решение на повеќе проблеми на Скопје, како средување на сообраќајниот хаос, намалување на загадувањето и подостапен јавен превоз за граѓаните, е еден од клучни проекти на независниот кандидат за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска.

Данела најавува и експанзија на културните настани за промоција на градот на регионално ниво и во Европа. Таа најави и изградба на концертна арена на отворено.

Фокусирање на зеленилото и животната средина најавува и независниот кандидат за градоначалник поддржан од коалицијата „Зелен хуман град“. Во денешното соопштение испратено до јавноста Ана Петровска вели дека решавања на проблемот со отпадот, носење нов ГУП и отворање на зелени работни места се проектите кои ќе бидат во нејзиниот фокус.