Концертен спектакл на виолинистот Стефан Миленковиќ во Скопје

На 23. Март во Македонска Филхармонија, светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ, заедно со оркестарот на Македонската Филхармонија ќе приредат концертна ноќ за паметење.

Стефан Миленковиќ неколкупати досега имаше можност да ѝ се претстави на македонската публика, која не остана рамнодушна на ниеден негов настап. Овој мајстор на виолина ја надгради исклучителната концертна кариера настапувајќи со најреномираните светски оркестри и музички уметници. Има издадено голем број носачи на звук, а значајна е и неговата хуманитарна работа.

Неговата кариера започнува многу рано, на 5-годишна возраст, па така го добива епитетот ,,чудо од дете”. Вниманието на пошироката јавност го привлекува на 10 години, кога по покана од Белата куќа, Миленковиќ настапува на т.н. Божиќно шоу, пред тогашниот претседател на Соединетите Американски Држави – Роналд Реган. Веднаш потоа, започнува неговото интернационално претставување. Во текот на својата кариера Стефан Миленковиќ настапувал со некои од најпознатите оркестри во светот, како Берлинскиот Симфониски оркестар, Хелсиншката Филхармонија, Оркестарот на „Бољшои“, Државниот оркестар на Мексико и со диригенти како Лорин Мазел, Даниел Орен, Владимир Федосејев, Ен Шао и многу други. Добитник е на повеќе награди и признанија, како за изведувачката, така и за хуманитарната дејност.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба денес (23.01.2019) и истите може да се набават преку продажната мрежа на www.kupikartizase.com, ,,Пола Југотон” и ,,Цвеќара Розе” – Веро 2.