
Националниот џез оркестар на 6 ноември ќе настапи заедно со легендарниот американски состав, пионерите на џез-фјужн жанрот – Јелоуџакетс (Yellowjackets). Диригент на концертот ќе биде Боб Минцер (Bob Mintzer), долгогодишен член на составот и еден од најистакнатите современи џез музичари.
Концертот ќе се одржи во 20 часот во Националната опера и балет.
Угледното списание JazzTimes за Yellowjackets пишува како за „совршено запалив електро-акустичен состав, чии интелигентни, често предизвикувачки и непредвидливи композиции црпат инспирација од fusion, post-bop и современиот џез.“
Во текот на својата богата и повеќедецениска кариера, Yellowjackets се етаблираат како еден од најзначајните и најпочитуваните состави во џез-фјужн жанрот. Со 25 издадени албуми, две престижни Греми награди и безброј распродадени концерти ширум светот, Yellowjackets оставија зад себе музичко наследство што постојано се обновува и инспирира нови генерации музичари и љубители на џезот.
На сцената ќе ги видиме Yellowjackets во нивниот актуелен состав: Russell Ferrante (клавијатури и пијано), Bob Mintzer (саксофон), Dane Alderson (бас) и Will Kennedy (тапани).