Концерт на Анастасија Холц и Билјана Петровска на „Скопско лето“

Во рамки на 42. издание на манифестацијата „Скопско лето 2021“ вечер концерт ќе одржат Анастасија Холц – сопран (Србија) и Билјана Петровска – пијано придружба.

Концертот ќе се одржи во фоајето на Националната опера и балет, во 20:30 часот. Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, а влезот ќе се регулира со билети по цена од 200 денари кои ќе може да се купат пред почетокот на концертот на влезот на Националната опера и балет.

Во Куршумли ан утревечер, во 20 часот, ќе се одржи изложба на артефакти, документи, фотографии и снимки од работењето на Младинското радио „Клуб 100“. Предвидена е дружба и музика од 80-тите и 90-тите години. Настанот е посветен на Младинското радиото „Клуб 100“ – првото независно радио во скопскиот (македонскиот) етер – 35 години од стартувањето и 30 години од згаснувањето. Ќе настапат Деан Шкартов (Клержо), Венцислав Смаќоски (Клержо) и Влатко Каевски (Киборг). Влезот за посетителите е слободен.

Џон Илија Апелгрен со својот бенд ќе има концерт в сабота, во 20:30 часот во Куршумли ан. Концертот е насловен „Музичка прошетка – Француски шансони“. Аранжманите и адаптациите се на Гордан Спасовски.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, а во продажба се пуштени ограничен број влезници по цена од 300 денари, кои ќе може да се купат „online“ на karti.com.mk и пред почетокот на настанот на влезот на Куршумли ан.