Концепт за ликовен израз – предавање на професор Душан Перчинков

На 30 ноември, во 12 часот во Музејот на Современа Уметност - Скопје, професорот Душан Перчинков ќе одржи предавање насловено „Концепт за ликовен израз“ во кое што тој ќе се осврне на различните фази на креативниот процес, со акцент на концептот како нешто што е дел и од практичното приближување кон формирањето на дефинитивниот ликовен израз, информираат од МСУ.

-Ставајќи го во контекст на едно сложено линеарно, но и нелинеарно развивање на процесот, концептот за визуелен израз ќе биде претставен преку примери од светската историја на уметност, вклучувајќи класични и модерни автори како Рембрант, Пикасо, Мондријан и др. Предавањето е дел од Интедисиплинарната програма на МСУ- Скопје под наслов „Без/редие во светот на уметноста“, која се реализира во рамки на Годишната програма финансиски поддржана од Министерството за Култура на Република Северна Македонија. Разговорот ќе го води Владимир Јанчевски, а влезот е бесплатен - велат од МСУ.

Душан Перчинков (Скопје, 1939), е еден од најзначајните и најавтентични македонски уметници. Дипломирал на АЛУ во Белград во 1963 година, а магистрирал на истата академија во 1966 година. Во периодот од 1966 – 1969 година делува како слободен уметник и професор во неколку основни училишта. Од 1972 година е асистент во кабинетот за ликовно образование при Архитектонскиот факултет во Скопје, а во 1980 година започнува да работи на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, како професор по цртање и сликање, сѐ до неговото пензионирање.

Во 1978 година заедно со Петар Хаџи Бошков, Томо Шијак, Марко Погачник и Дружината од Шемпас, ја претставува СФР Југославија на Биеналето во Венеција. Покрај сликарството, Перчинков од 1973 година активно истражува и на полето на графиката, а неговите графички мапи се одликуваат со софистицирани, сложени и концептуално обмислени содржини. Од 1980 своите идеи ги реализира и како тродимензионални уметнички објекти. Во неговите дела Душан Перчинков, внимателно и на оригинален начин ја набљудува околината (пејзажот, урбаните средини), создавајќи меки надреалистички претстави со едноставни знаци и облици, кон крајот на шеесеттите години се ориентира кон апстрактни строго геометриски композиции со пастелен колорит, со препознатлив авторски израз ликовната уметност. Делата на Перчинков се затапени во колекциите на бројни музеи и галерии во земјата и странство.

Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои и наградата „11 Октомври“ за сликарство во 1969 година.