Комуналец го демантира Герасимовски: Секојдневно го собираме ѓубрето во Центар, го советуваме градоначалникот да казнува

ЈП Комунална хигиена-Скопје испрати допис со кој го демантираат градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски и велат дека изнел невистинити информации поврзани со активностите на Претпријатието во оваа скопска општина за време на изминатиов викенд.

„Би сакале да напоменеме дека на територијата на општината Центар, ЈП Комунална хигиена Скопје секојдневно го собира и транспортира комуналниот отпад без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје. Оваа динамика беше запазена и во текот на викендов на територијата на целата општина Центар, вклучително и на локацијата околу градинката „13 Ноември“ во населбата Дебар Маало, за којашто градоначалникот Герасимовски тврди дека ја исчистиле неговите општински служби“, велат од Комунална хигиена.

Од таму додаваат дека секое одлагање отпад надвор од контејнерите претставува кршење на Законот за јавна чистота и подлежи на санкции.

„Би сакале да го потсетиме Герасимовски и дека улиците зад ООУ „Песталоци“ се општински улици што исто така спаѓаат во надлежност токму на општина Центар, така што навистина сме зачудени зошто градоначалникот во својата изјава нагласува дека викендов на оваа локација реализирал отстранување на дива депонија, кога тоа е дел од неговите обврски и надлежности.

ЈП Комунална хигиена Скопје во текот на 2024 година отстрани вкупно 22 194 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје, од коишто значителен процент на непрописно одложен отпад е подигнат токму на територијата на општината Центар“, посочуваат од претпријатието.

Од Комунална хигиена додаваат дека градоначалникот ќе придонесе за одржување на хигиената во сопствената општина ако се зафати со санкционирање на прекршителите на Законот за јавна чистота.