Комисијата за јавно-приватен дијалог станува кризно тело, Владата и бизнисот заеднички против енергетската криза

Комисијата за јавно-приватен дијалог ќе стане кризно тело преку кое Владата и бизнис секторот заеднички ќе делуваат во насока на справување со енергетската криза.

Ова е договорено на денешната редовна седница на Комисијата со која копретседаваше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а присуствуваа и вицепремиерот Бојан Маричиќ, министрите за финансии Фатмир Бесими, и за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, директорките на УЈП Сања Лукаревска, и на Царинската управа Славица Кутиров, како и претседателите на стопанските комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог Трајан Ангелоски од Сојузот на стопански комори, Неби Хоџа од Стопанска комора на северозападна Македонија, Анета Антова Пешева од МАСИТ и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Вицепремиерот Битиќи на почетокот ги извести присутните за планот на производство на АД ЕСМ и порача граѓаните да не се грижат зашто, како што истакна, електрична и топлинска енергија ќе има доволно во текот на целата зима.

-Планот за производство на АД ЕСМ за 2022 година е направен со зголемување од 25 отсто во споредба со 2021 година и со тоа ЕСМ ќе ја произведува целата електрична енергија која им е потребна на граѓаните и на малите потрошувачи, и нема потреба да купува струја. Дополнително, сите производствени капацитети од домашното производство ќе се стават во функција, и поради тоа ги уверувам граѓаните дека граѓаните не треба да се грижат, електрична енергија како и топлинска енергија ќе има доволно во текот на целата зима, рече Битиќи.

Тој се осврна и на новиот правилник за поставување соларни панели, со олеснета процедура и зголемен опсег на производство од 4 на 6 киловати за приватни произведувачи или од 40 на 60 киловати за индустриските објекти.

Вицепремиерот Битиќи кажа дека само во 2022 година кон стопанството како државна помош се обезбедени повеќе од 70 милиони евра директна финансиска поддршка, средства кои и во криза пораснаа од претходната година а и не беа скратени со ребалансот на Буџетот.

-Ова се средства кои помагаат во ликвидноста на компаниите и кои не смеат да бидат заборавени денеска кога зборуваме за партнерскиот однос и подадената рака во време на криза, кажа вицепремиерот Битиќи.

Министерот за финансии се осврна на ликвидноста на Буџетот, за кој потврди дека е во добра кондиција. Дополнително, зборуваше и за предлогот за даночна реформа кој се разговара во широка консултација вклучително со коморите и бизнис секторот, напоменувајќи дека ќе продолжи додека не се усогласат сите страни.

Вицепремиерот Битиќи како и министерот Бесими потсетија на повикот и препораките за штедење и одговорно однесување од сите страни со цел, како што нагласија, полесно справување со кризата и спречување на непотребното трошење електрична енергија.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, исто така, се обрати на состанокот, посочувајќи дека пред нас е почетокот на преговори, процес во кој, како што подвлече, ќе бидат поставени барања и структурни промени.

-Учеството на стопанските комори во пристапните преговори ќе биде клучно, бидејќи со специфичното знаење и искуство што го има бизнис секторот, може многу да придонесе за подобрување на политиките и побрзо усогласување со ЕУ регулативите и ЕУ стандардите кои ќе бараат и човечки и финансиски капитал, но и нова технологија, рече Маричиќ.