Комисија на МЗ ќе врши надзор во работата на струшката болница

Комисија од Министерството за здравство ќе изврши стручен надзор во работата на болницата во Струга, која изминативе денови е актуелна поради случајот на пациентката Јилдиз Веапоска, која по царски рез заминала дома со отстранети неколку органи. 

Соопштението на Министерството за здравство го пренесуваме во целост:

„Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска донесе решение за формирање Комисија за вршење на надзор на стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и  лекарскиот третман на пациентката Ј.В.

Комисијата која е составена по барање на министерот, има 5 члена, и има задача да изврши надзор над стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката. За извршениот надзор Комисијата во рок од 8 дена од денот на завршување на надзорот над стручната работа треба да достави извештај до Министерството за здравство.

Министерот Филипче, бара од Комисијата, извештајот задолжително да содржи констатирана состојба, евентуални недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита. Членовите на Комисијата формирана од Филипче, треба да дадат стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можни последици по здравјето на пацинетот и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоци или прпопусти и рокови за нивно отстранување.“