Коментари кои не треба да им се даваат на новите мајки

Сè помалку разбирање, а сè повеќе критики...

Станавме општество на критичари, а културата на „плукање“ се шири побрзо од светлината. Еден статус кој стана многу популарен на социјалните мрежи, зборува за критиките на сметка на новите мајки, а вреди да се прочита за да се сфати со какви коментари мораат да се соочуваат мајките, особено мајките кои штотуку родиле и се трудат да се прилагодат на новите околности. 

Една мајка вели: „Се наслушав многу работи. И сфатив дека не смееш никому да се пожалиш, дури ни дека си уморна.“

Еве што вели оваа порака:

„Откако го родив детето сфатив дека во очите на луѓето, мајката не може...

... да се жали: „Кој те терал да раѓаш деца?“

... да плаче: „Зошто плачеш? Дали мислеше дека е лесно да бидеш мајка?“

... да биде уморна: „Уморна? Од што? Па ти ништо не правиш?“

... да спие: „Навистина си мрзлива!“

... да се одмара: „Ќе одмориш кога детето ќе порасне!“

... да остане повторно трудна: „Дали си луда? Колку уште деца планираш?“

... да остане дома: „Кој ќе го издржува детето?“

... да се врати на работа: „Кој ќе го чува детето?“

... да го остави детето во градинка: „Друг да ти го чува детето?!“

... да биде домаќинка: „Кутриот маж, тој само работи, а таа дома ужива!“

... повторно да се омажи: „А кој сака жена со дете!“

... да излезе некаде: „Ги оставаш децата кај мајка ти, а ти одиш да се забавуваш?“

Најтешко е што 90% од овие фрази ги кажуваат други жени! Затоа е важно да се поддржуваме едни со други, но и да ги учиме децата на љубов, толеранција и разбирање за туѓите грижи и тешкотии.“