Според информациите од граничните служби, денеска е забележана исклучително голема фреквенција на возила на граничните премини „Богородица“ и „Дојран“, каде што се чека со часови за влез во Македонија.
Неофицијално, зголемениот број патници се поврзува со завршувањето на продолжениот празничен викенд и враќањето на граѓаните од одмор во Грција.
На граничниот премин „Дојран“ колоната возила се протега сè до црквата „Св. Илија“ на влезот во Стар Дојран, а застојот трае повеќе од четири часа. Од граничниот премин информираат дека причина за метежот е големиот број возила, поради што грчките гранични служби во одреден момент немале капацитет да ги обработуваат со вообичаеното темпо. Поради тоа, колоната се префрлила и на македонската страна од границата.
Слична е состојбата и на граничниот премин „Богородица“, каде што возачите исто така чекаат со часови. Големиот туристички бран и зголемената фреквенција на возила предизвикуваат долги задржувања и на овој премин.
Дополнително, патници кои со часови чекаат на преминот споделуваат дека метежот е еден од најголемите што го паметат. Српски државјанин, кој моментално се наоѓа меѓу македонската и грчката граница, објави дека цариник на граничниот премин „Дојран“ му рекол оти работи повеќе од 20 години и не памети ваква гужва.
„Цариникот ни кажа дека работи 20 години и не памети ваков метеж. Во моментов сме во меѓуграничниот простор“, напиша тој на социјалните мрежи.
Надлежните апелираат возачите да бидат трпеливи, да ги следат информациите за состојбата на граничните премини и, доколку се во можност, да го изберат терминот на патување со цел да ги избегнат најголемите гужви.