Колку страв се крие зад тивко „добро сум“? - Галетановски бара да нема заборавени случаи на насилство

Трагедијата во скопската населба Тафталиџе, во која животот го загубија мајка и нејзината ќерка, предизвика силни реакции во јавноста и на социјалните мрежи.

Граѓани, соседи и јавни личности апелираат случајот да не се поедноставува, туку да се отвори поширока јавна дебата за институционалната одговорност и начинот на кој се третира семејното насилство, и физичко, а уште повеќе и психичко. 

Во бројните реакции се истакнува дека е неопходно надлежните институции детално да ги преиспитаат претходните постапки и евентуалните пропусти, со цел ваквите трагични случаи да не се повторат.

Со став се огласи и поранешниот директор на скопската Зоолошка Ѓорѓи Галетановски. 

- Денешното самоубиство на мајката со ќеркичката не е само трагедија – тоа е крик што предолго останува неслушнат. Ако зад ова стои семејно насилство, тогаш ова не е „приватна приказна“, туку болен доказ дека системот сè уште не презема доволно сериозни и навремени мерки за да ги заштити најранливите, пишува тој. 

Колку солзи се скриени зад затворени врати?

Колку страв се крие зад тивко „добро сум“?

Колку жени трпат затоа што мислат дека нема излез?

Ниедна жена не смее да молчи. Молчењето не носи спас, туку подлабока болка. Жените мора да бидат гласни, да побараат помош и да знаат дека не се виновни.

А социјалните служби и државата мора да преземат сериозни, конкретни и итни мерки. Не по уште една трагедија, туку сега.

Затоа што зад секоја вест има човечка судбина.

Зад секој наслов има дете што требало да расте, да се смее, да сонува.

Зад секоја бројка има мајка која можеби само сакала мир и безбедност.

Ова не смее да биде уште еден заборавен случај - порача во објавата Галетановски.