Колку се изводливи парични казни за граѓаните кои ќе одбијат попис и повикувачите на бојкот?

По потписот на шефот на државата Пендаровски извесно е дека државата ќе спроведе попис, но што со оние граѓани кои нема да сакаат да учествуваат во статистичката операција дали поради тоа што сметаат дека пописот ќе е политички како што вели опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дали поради КОВИД пандемијата.

Премиерот Зоран Заев веќе неколку пати јавно порача дека ќе се казнуваат бојкотирачите, а директорот на Државниот завод за статистика Симовски  отиде и чекор потаму повикувајќи ги на одговорност и сите оние кои ќе повикаат или поттикнат на бојкот.

Професорката и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Силјановска – Давкова на Фејсбук коментира дека изјавите за глоби и затворски казни за бојкот на пописот се само заплашување.

„АНТИМОТИВАТОРИТЕ“, односно ЗАКАНУВАЧИТЕ, го превиделе членот 15 од Законот за прекршоци, во кој дословно пишува: „Нема одговорност за поттикнување и помагање на прекршок, освен во случаи определени со закон! Во тукушто донесениот закон, таков случај НЕМА.“, пишува Силјановска.

Но, Симовски, иако вели дека целта не е да се казнува, пријави за поттикнувачите и бојкотирачите ќе има, а дали и ќе има и казни ќе одлучи судот.

Силјановска тврди дека глоби не смее да има и за граѓаните кои нема да ги примат попишувачите дома бидејки пандемијата е олеснителна околност.

„За нашиов ПОПИСЕН случај, звучи интересно ставот (1) на членот 21 од „Законот за прекршоци“:„ Кога прекршокот е сторен под особено ОЛЕСНУВАЧКИ околности, глобата може да се ублажи до општиот законски минимум од членот 26, што значи 15 евра! Но, уште повалиден е ставот (2) на членот 21 што гласи: „ кога прекршокот е извршен под ОСОБЕНО ОЛЕСНУВАЧКИ ОКОЛНОСТИ, судот може да го ослободи сторителот од санкционирањето, ако САМ ГО ПРИЈАВИ! Како гледаат на Ковид -19 како околност?“, прашува пратеничката.

Симовски вели, короната не е причина да не ги примите попишувачите дома бидејќи операцијата ќе била сосема безбедна.

Според Законот за попис, граѓанин кој ќе одбие да даде податоци или доколку даде неточни податоци ќе се соочи со глоба од 200 до 300 евра. За попишувачите кои ќе уништат, прикријат или преправаат податоци од пописната апликација се предвидува и три до пет години години затвор.