Колку лица се уапсени во случајот поврзан со нелегален увоз и дистрибуција на лекови и медицински средства?!

Основниот кривичен суд одреди мерка притвор за шест лица осомничени во случај поврзан со нелегален увоз и дистрибуција на лекови и медицински средства. За уште четири лица е определен куќен притвор, додека деветмина ќе се бранат од слобода со мерки на претпазливост.

Според информациите од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во текот на оваа година биле формирани две организирани групи, кои со тек на време се прошириле со нови членови. Тие, како што се наведува, преку компании регистрирани во Скопје и Битола, вршеле набавка на нерегистрирани и фалсификувани лекови и медицински производи, вклучително и препарати како ботокс, набавени од странство.

Производите биле внесувани во земјава без соодветни дозволи и контроли, а дел од осомничените, иако знаеле дека станува збор за небезбедни и неодобрени препарати, ги користеле при естетски зафати, со што директно го довеле во ризик здравјето на пациентите.

Во истрагата се опфатени лекари од јавни здравствени установи, како и сопственици на приватни ординации и лица вклучени во транспортот и дистрибуцијата на спорните производи.

Од вкупно 11 предложени мерки притвор, судот прифатил шест, додека останатите се заменети со поблаги мерки. Истрагата опфаќа вкупно 19 физички и шест правни лица, осомничени за дела поврзани со организиран криминал, корупција и незаконска трговија со медицински средства.