Колку кофеинот навистина нè држи будни?

Многу луѓе сметаат дека не можат да функционираат без кофеин, односно нивната дневна доза на кафе. Некои го пијат рано наутро, за полесно да се разбудат, а други кога сметаат дека им треба за да останат концентрирани на она што го прават.

Секоја личност различно реагира на кафето. Кај некои не влијае врз сонот, додека кај други може да предизвика тахикардија. Оние кои имаат проблеми со спиењето или со кардиоваскуларниот систем треба да го ограничат консумирањето според индивидуалната потреба.

Во просек, трошиме половина од количината на кофеинот во следните пет часа откако ќе го испиеме. Најизразено дејство има во првите 15 до 45 минути. Многу луѓе во овој период чувствуваат наплив на енергија и потреба за уринирање, но овие симптоми исчезнуваат по првиот час.

Секое тело кое е редовно изложено на кофеин со тек на време станува отпорно на него, а оние пак, кои се почувствителни, дејството може да го чувствуваат и следниот ден. Генерално земено, нема правила и ограничувања. Како и за сè друго, ефектот зависи од земената доза, но и од личните карактеристики на лицето, како што се телесна маса, возраст и индивидуална чувствителност на кофеин.