Колку и да изгледа безгрижно моменталната состојба, за кратко време може да се претвори во кошмар, вели професорот Дејан Трајковски

Летото е време на интензивни патувања и лежерно однесување, поради што ќе треба да се вложи дополнителен напор и внимание за да го избегнеме внесувањето на овој опасен и брзоширечки сој во земјата. Колку и да изгледа безгрижно моменталната состојба, за кратко време може да се претвори во кошмар, со оглед на малата стапка на вакцинираност на населението. Ова во фејсбук објава го вели професорот на битолскиот технички факултет, Дејан Трајковски. 

Додава дека масовните собири, ноќните клубови и свадбите, можат само да долеат бензин на огнот после првата искра. 

Анализирајќи ја географската застапеност на Делта сојот Трајковски вели дека со увид во датабазата на ГИСАИД иницијативата, забележуваме дека во Грција до денеска се секвенционирани 10 случаи на САРС Ков2, варијанта B.1.617.2 „Делта“. Но, се разбира, вкупниот број случаи е далеку поголем од бројот на секвенционираните случаи бидејќи случаите се внесуваат со задоцнување, додава тој. 

Сепак, мора да се признае дека Грција натпросечно добро се справува со епидемијата на ковид-19 и засега многу добро го држи вирусот под контрола, што не значи дека нашите летовалци не треба максимално да внимаваат, вели Трајковски. 

Понатаму, во Италија до денеска има 197 секвенционирани случаи на Делта сојот и таму прилично ажурно ги внесуваат случаите во датабазата. Во балканските земји, освен десетте случаи во Грција и еден случај во Бугарија (не сметајќи ја Словенија со 5 случаи), засега не е секвенциониран Делта сојот. Дури ни Македонија се уште не го рапортирала во датабазата нашиот прв и единствен случај, увезен од Ирак. Патем кажано, во Македонија сме имале еден случај на јужноафриканскиот сој „Бета“ во април, заклучува Трајковски. 

Делта-сојот на ковид-19, кој првпат беше откриен во Индија, станува доминантна варијанта на болеста во светот, објави вчера Светската здравствена организација (СЗО).