Колку години треба да поминат за и жените во Македонија да имаат бесплатни менструални производи?

Од вчера, во Шкотска, менструалните производи, вклучувајќи тампони и влошки се достапни бесплатно во јавните установи во државата.

Предлог-законот за менструални производи, во Шкотска, беше едногласно усвоен од страна на шкотските пратеници уште во ноември 2020 година. Ваквата одлука за државата како и нејзините граѓани претставува значајна победа за глобалното движење против менструалната сиромаштија.

Овој закон гарантира дека менструалните производи ќе бидат достапни, бесплатно, во јавни згради, вклучувајќи училишта и универзитети низ Шкотска. Локалните власти и образовните институции ќе бидат одговорни да ги обезбедат производите и истите да ги задржат да бидат бесплатни.

Законот беше замисла на шкотската пратеничка Моника Ленон која го имаше претставено уште во април 2019 година.

Па така, важно е да се запрашаме дали во нашата земја некогаш ќе биде донесен ваков закон и дали ќе престане менструацијата и менструалната хигиена да биде табу тема на нашето општество.