Кој живее во стан изграден од 2014 навака, мирно да спие, вели Гаревски за опасноста од земјотреси

Градбите кои се изградени во нашата земја по 2014 година се посигурни бидејќи се градат според нови законски одредби кои бараат придржување кон построги правила за градба, и кои се контролирани за отпорност при потреси. Ова го истакна Михаил Гаревски, директор на Институт за сеизмички отпорни гради и климатски промени (ИСОГКП). 

Гаревски за Фактор потенцира дека од 2014 година градбите се контролираат од повеќе институции кои се регистрирани во Министерството за образование и наука, меѓу кои се ИСОГКП кои спроведуваат контроли на терен, Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и други слични институции, кои ја проверуваат безбедноста на градбите. 

-  Во Скопје и Македонија не може да се случи земјотрес со магнитуда од 7,8 степени. Најголемата магнитуда е регистрирана во Пехчево-Берово во 1904 година и таа била меѓу 7,2 и 7,4 степени. Сепак, би нагласил дека во нашата земја не се очекува земјотрес со јачина како во Турција, потенцира Гаревски.

Тој за Фактор додава дека по 1999 година се воведени поризгорозни одредби за градење во Турција, но и контроли. Сепак, појаснува дека и понатаму има многу згради кои се изградени пред новите законски измени, односно пред 1999 година, што ги прави ранливи на силни удари, бидејќи начините на градење претходно биле многу „несериозни“.

-  Последователни земјотреси во следниот период е очекувано. Афтершоковите ќе продолжат во следните 2-3 месеци, па дури може да траат и 5-6 месеци. Сепак, по главниот удар, не се очекува нов толку силен удар, или близу до него. Веќе имаше некои посилни, во ваква ситуација, очекувано е одреден период да има последователни земјотреси со магнитуда околу 4 степени, па околу три, па два, но може и пак да се зголеми магнитудата и да има земјотрси со силина околу 5 степени, па пак да намалува и постепено да запрат – дополнува Гаревски.