Кој си игра со бројките? - Градска куќа има место за 450 вработени

ВМРО-ДПМНЕ најавија објект за 650 вработени, СДСМ тврдат дека има место само за 350 градски административци. Двете страни ги користеа бројките за да ги поткрепат своите спинови, едните да ја оправдаат зделката, другите да го одбранат објектот којшто го изградија. А вистината, како и по обичај, некаде на средина. Според „Проектната документација“ која ИРЛ ја доби од Град Скопје, во Градската куќа има место за 450 вработени, односно 200 помалку од планираното, но 100 повеќе од што тврди градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, пишува Истражувачката репротерска лабораторија – ИРЛ Македонија.

Кога во 2011 година се поставуваа темелите на Градската Куќа, тогашниот татко на Град Скопје, Коце Трајановски најави дека во зградата ќе има работен простор за 650 вработени. Канцелариите ќе бидат од океански тип, па ќе постои можност тие да се приспособат според потребите на вработените.

Минатиот месец сегашниот градоначалник Петре Шилегов најави продажба на Градската Куќа. Локацијата била недолична за градската администрација, а просторот бил наменет за само 350 вработени. На прес-конференција градоначалникот го оцени објектот како целосно нефункционален и додаде дека сите анализи покажуваат оти постојната администрација нема да може да биде сместена во таа зграда.

Од тврдењата на едните до тврдењата на другите, има разлика од 300 места за вработени на градска администрација. Оваа драстична разлика беше симптоматична и наведуваше на тоа дека мала е веројатноста  да станува збор за погрешна пресметка, туку дека се работи за извитоперување на бројките во корист на двете партии. Секој си дал бројка каква што во моментот им одговарала. ВМРО-ДПМНЕ сакале да се пофалат дека изградиле објект за 650 вработени, кој за да има толкав простор треба да има уште минимум два ката, а СДСМ сакаа да најдат изговор за продажба на зградата, се додава во текстот на – ИРЛ Македонија

Според документите што ги добивме од Секторот за планирање и уредување на просторот при Град Скопје, зградата е предвидена за 450 вработени и 300 посетители. Односно тоа се членовите на Советот, странки, делегации и граѓани.