Кој има сила, може да работи до 67 години

Според Законот за пензиско осигурување, мажите ги исполнуваат условите за во пензија кога ќе наполнат 64 години, а жените 62 години. Дотогаш мора да одат на работа. Но доколку не сакаат, на таа возраст никој не може да ги натера сосила да одат во пензија. 

Според Законот за работни односи, работодавецот го прекинува договорот за вработување кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж. Но и тогаш, работникот може да избере и да остане и понатаму на работа. Работодавецот не смее сосила да го принуди на пензионирање.

"Работникот со писмена изјава до работодавецот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст и за маж и за жена. Писмената изјава работникот ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година. Работодавецот е должен да го прифати барањето на работникот и да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст", велат од Министерството за труд и социјална политика.

Од Министерството, исто така, објаснуваат дека кога се прават измени во условите за пензионирање, никогаш нагло не се зголемува старосната граница за одење во пензија, туку тоа се прави постепено. 

"На пример, на годишно се зголемува возраста за одење во пензија по три или четири месеци. Да речеме, ако сега важи 62 години за жена, од 2019 година да биде 62 години и четири месеци, па во 2020 година 62 години и осум месеци. Во Хрватска, на пример, зголемувањето е по три месеци. Староста кај жените е 61, а кај мажите 65 година. До 2030 година, старосната граница за жена постепено ќе се зголемува за 3 месеци годишно. Од 2031 година до 2038 година, ќе има изедначување на условите за маж и за жена до 67 години", објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.