Кој е виновен за празните езера во Македонија?

Климатските промени или човечки фактор, кој е виновен за празните езера во Македонија?

Алармантна е ситуацијата со езерата во државата. И вештачките и природните ја губат водата. Состојбата со водата е критична низ целата држава.

Последиците се чувствуваат и во реките, чиј водостој не престана да опаѓа. 

Долгиот сушен период, но и несоодветното управување со водните ресурси се посочуваат како дел од причините за состојбата. Екологистите стравуваат за растителниот и животинскиот свет.

Преспанското езеро е под нормалниот водостој. На брегот излегоа камења и треви што беа под вода. 

Преспанското Езеро со крајбрежниот појас поради природните убавини и други научни вредности е прогласено за споменик на природата. Со водите на Преспанското Езеро стопанисуваат Македонија, Грција и Албанија. 

Охридското Езеро се спушти на минимално дозволената кота, состојба каква што одамна не е забележана, особено покрај Кејот во центарот на градот. Водата е толку повлечена, што покрај Кејот буквално се создадени мини песочни плажи, на кои птиците се почесто слетуваат на крајот на есента. На одделни места можат да се забележат „мини песочни острови“, а до скоро екстремно ниско беше нивото и на водата во Црн Дрим во Струга.

Партиите меѓусебно се обвинуваат и си ја префрлаат топката за тоа кој е виновник за еколошката катастрофа која му се заканува на езерото, коешто е под заштита на УНЕСКО.

И нивото на некогаш најголемото вештачко езеро во Македонија- Козјак, долго 32 км, со длабочина и до 130 метри, драматично е намалено. На фотографии што граѓаните ги споделуваат на социјалните мрежи се гледа само суво дно на местото на некогашното езеро. Како што информира УХМР, драстичен пад бележат и Вардар кај Јегуновце и Велес, Треска кај Македонски Брод и Сатеска кај Ботун. Преполовени се водостоите на Црна Река, Струмица, Крива Река и Лепенец.

Мавровското езеро никогаш не изгледало пожално. Езерските води се видливо повлечени,бреговите исушени.Водостојот е исклучително низок што е невообичаено за овој период од годината.Слична е сликата и со другите вештачки акумулации во државата.

Црквата Св.Никола во Маврово веќе долго време верниците и туристите можат да се доближат и да ја посетат, што не било случај минатите години, кога црквата вообичаено била потопена во вода.

Жителите на Леуново велат дека не паметат да било толку испразнето, особено овој период од годината.Точно е велат, дека се работи за вештачка акумулација чиј цел е да се произведува струја, но ова е жалосно, особено за живиот свет во водите.

Дебарско Езеро или Шпиље — вештачко езеро во западниот дел од Македонија, јужно од Дебар на местото каде што реката Радика се влева во реката Црн Дрим кај месноста Шпилски Мост. Се наоѓа во близина на македонско-албанската граница. Има површина од 13,2 км², 92 м длабочина и надморска височина од 580 м. Се користи како акумулација за ХЕ „Шпиље“.

Езерото е создадено со подигање на брана во висина од 102 м, која била градена во периодот од 1966 до 1968 година. Полнењето на акумулацијата завршило во 1969 година.

Дебарското Езеро е најбогатото езеро со вода од сите вештачки езера во Македонија. Вкупниот волумен на акумулацијата е 520 милиони м3, а корисниот волумен изнесува 223 милиони м3 вода.

Каде истекува водата, засега нема одговори иако постојат индиции дека се трошат на зголемување на потенцијалот на реката Црн Дрим, која потоа полни неколку приватни хидроцентрали на албанска страна.