Кои скопски општини догодина ќе добијат нови градинки?

Чаир, Карпош и Арачиново се скопските општини кои следната година ќе добијат нови градинки за сместување на деца на предучилишна возраст. 

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска го претстави Предлог-граѓанскиот буџет на ресорното министерство за 2022 година, кој изнесува 50,6 милијарди денари. Шахпаска истакна дека 2022 ќе биде година на економско закрепнување, забрзување на растот преку капитални инвестиции. Таа очекува бројот на социјални случаи, кој во моментов е 35.000, поради пандемијата да се зголеми за уште 5.500. Но напомена дека системот е подготвен и ќе обезбеди средства за сите семејства коишто се во социјален ризик.

– Во предлог-буџетот на МТСП средствата наменети за капитални инвестиции се зголемени за речиси 100 отсто. За капитални инвестиции предвидени се 195,5 милиони денари, од кои за градежни работи 177 милиони, а за опремување 18,5 милиони денари. Предучилишното образование е особено важно за правилниот раст и развој на децата на возраст од 0 до 6 години и затоа МТСП продолжува со изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на веќе постојните, истакна Шахпаска.

Таа нагласи дека секое дете е подеднакво важно и затоа МТСП продолжува да градиме градинки и во руралните средини.

– Следната година ќе заврши изградбата на 10 детски градинки и тоа во општина Чаир за 350 деца, Росоман, Ерџелија, Карпош и Битола за 150 деца, Липково, Арачиново, Пробиштип, Валандово. Со градба почнува и градинката во Гостивар во која ќе бидат сместени 100 деца, а со поддршка на ИПА фондови, ќе бидат изградени две градинки во Теарце и Тетово. Продолжува и изградбата на Домот за стари лица „Нада Михајлова“ во Пробиштип со капацитет за 55 корисници. Во Општина Чашка и село Палчиште во општина Боговиње, градиме дневни центри за лица со телесна и интелектуална попреченост. За непречено финционирање на градинките и институциите за сместување на стари лица предвидени се блок дотации во износ од 2 милијарди и 85 милиони денари, нагласи министерката.