Кои биле најчестите патници со државниот авион во последните пет години? На списокот со имиња се најдоа сопруги и деца на државни функционери

Листата на патници во државниот авион од последните пет години покажува дека функционерите не го избегнувале, туку во него се качувале и со децата и со сопругите, оделе на подолги патувања со преседнувања, а се случувало да одат и на мини турнеи.

По жестоките обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу тоа кој се луксузирал, а кој го избегнувал државниот авион пред месец и пол, „Макфакс“ објави детали откако побарале детална листа на патници од Службата за општи и заеднички работи во Владата која има обврска да ги бележи сите летови и сите патници во авионот.

Најчест патник во државниот авион, со забележани 72 лета, според оваа листа, бил Бујар Османи, кој во 2020 година стана министер за надворешни работи и остана на функцијата до јуни 2024 година, односно три години и девет месеци, а во 2023 година беше и претседавач со ОБСЕ. Тој најчесто патувал до Брисел, Виена и Атина, а неговото име се појавува и на најдалечната дестинација на која некогаш летал државниот авион, Рејкјавик, Исланд.

Втор на листата најчести патници е Ирфан Мустафи кој се грижел за безбедноста прво на Зоран Заев, а потоа и на Димитар Ковачевски откога стана премиер. Името на Мустафи е регистирано на 51 лет со државниот авион.

На трето место е Димитар Ковачевски. Тој за две години, колку што беше премиер, со државниот авион летал 48 пати.

Сопругите на Заев, Ковачевски, Џафери, Гаши и Николовски и децата на Заев и Ковачевски биле исто така меѓу патниците во државниот авион.

Службата за општи и заеднички работи забележала дека Димитар Ковачевски, како премиер, речиси половина од летовите ги направил заедно со сопругата, а во листата на патници се појавуваат и неговите деца. Сопругата, Елена Ковачевска, според пишувањето на „Макфакс“ била регистрирана на 19 лета на државниот авион.

Целото семејство, пак, со владиниот „лирџет“ Службата регистрирала дека летало двапати. Едниот лет е од Скопје до Истанбул, на втори мај 2023 година, а другиот лет е од Истанбул до Скопје, осум дена подоцна. Во тој период Ковачевски како премиер и неговата сопруга беа на свечениот прием на претседатели на влади и држави организиран од тогашниот претседател на Соединетите американски држави Џо Бајден. Тогаш Ковачевски и Владата не одговорија на прашањата од медиумите кои побараа објаснување зошто со себе го зел и децата, дали ангажирал дополнително обезбедување и колку чини патувањето. Јавноста му забележа на Ковачевски и кога во мај 2022 година во Рим на аудиенција кај папата Франциск отпатува со ќерката.

Во државниот авион фамилијарно летал и Заев, како премиер. Самиот на социјалните мрежи во јуни 2021 година се пофали дека тогашниот премиер на Холандија го поканил заедно да го следат фудбалскиот натпревар Македонија-Холандија во Амстердам. На социјалните мрежи Заев објави фотографии од кои се гледа дека заедно со него навива и неговата сопруга, а податоците од Службата за општи и заеднички работи во Владата покажуваат дека со нив бил и нивниот син.

Со сопругата често со државниот авион патувал и Талат Џафери, како претседател на Собранието. Неговото име го има на 26 лета на државниот авион, а на 10 од нив го придружувала сопругата, Мереме Џафери. Заедно патувале во Абу Даби, Мадрид, Љубљана, Анкара, Рим, Кишињев, Стокхолм, Лион и Будимпешта, а службата за односи со јавност на Собранието најчесто ги најавувала и известувала за таквите патувања. Џафери нема лет со сопругата од периодот додека беше премиер иако Службата забележала дека за нешто повеќе од три месеци, колку што траеше техничката Влада, тој четирипати го ангажирал државниот авион и летал до Брисел, Минхен, Лондон и Тирана

Наследникот на Џафери во Собранието, Африм Гаши, е единствениот политичар од актуелната власт кој патувал во државниот авион со сопругата. Париз и Лондон се дестинациите на кои отпатувале заедно во декември 2024 година и во февруари 2025 година. Последното патување на Гаши со сопругата се поклопува со одлуката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) да се доуреди упатството на Собранието за службени патувања по примерот на Кодексот на Владата за етичко однесување. Оваа одлука ДКСК ја донесе по забелешките во јавноста за патувањето на Гаши со сопругата во САД. Тогаш ДКСК утврди дека сопругата на Гаши била дел од делегација и има право да ѝ се исплатат трошоци за службено патување, но препорача доуредување на упатството за службени патувања.

Кодексот за етичко однесување на Владата предвидува функционерите на служби патувања да бидат придружувани од брачните партнери, но трошоците приватно да си ги платат, со исклучок на брачните партнери на премиерите кога се дел од државна делегација. За децата на функционерите нема правила. Тие не се споменати ниту во Кодексот од Владата, ниту пак во уредбата по која работи владината авио-служба. За нив изречно не е ниту дозволено ниту забрането да бидат придружба на родителите-функционери на службените патувања.