Кога врската не „штима“: Да се остане или да се отиде?

Во врска сте, но не сте баш среќни? Има денови кога ви се чини дека точно знаете што треба да направите? Но, кога ќе стигнете дома, вашата одлучност се топи. Не правите ништо, а во главата водите бескрајни разговори, ги мерите за и против: да се остане или да се отиде?

Причината за неносење одлуки и неодлучност е стравот. Страв од грешки, страв од тоа да не биде уште полошо, страв од неизвесност. Но, неодлучноста е најслабиот избор за кој кога-тогаш ќе зажалите, а најголемиот страв на човечката психа е всушност стравот од напразно потрошен живот. Деновите си поминуваат, животот минува пред очи, а магичниот круг на неодлучноста во кој се наоѓате е тешко да се прекине и да се излезе од него... Да се живее живот по инерција, во несреќна, емотивно празна и врска која не ветува никаква светла иднина е сосема неприфатилво и затоа треба што поскоро да се собере сила и да се стави крај на агонијата и на самоизмачувањето.

Угледниот британски психолог, Беверли Стоун, врз основа на своето долгогодишно работно исуство со клиенти, напиша книга со цел да им помогне на читателите да излезат од тој магичен круг на неодлучноста. Таа ќе ве води чекор по чекор до она што го сакате – да останете и да ја подобрите врската или да си заминете со цел да бидете посреќна и позадоволна личност, без разлика на стравовите и на препреките кои можеби ви се чинат дека се ненадминливи.

Авторката наведува препреки кои бараат труд, но не се ненадминливи, кои мора да се совладаат за да почнеме да го живееме животот кој го сакаме, а воедно ни дава конкретни одговори како тоа да го направиме:

  1. Бидете автентични – изложете се на ризик и бидете онакви какви што всушност сте (а не онакви какви што другите ве сакаат)

  2. Прифатете го тешкиот период како позитивно, темелно човечко искуство (престанете да му се препуштате)

  3. Направете го вашиот живот позначаен ( а не онаков за каков подоцна ќе зажалите)

  4. Преземете одговорност за својата ситуација ( не ги обвинувајте другите)

  5. Бидете свесни дека секогаш имате избор (не сте баш толку заслепени и обесхрабрени како што мислите)

  6. Живејте според сопствените правила и ценете си ги сопствените вредности ( не според туѓите мерила)

  7. Ваша задача е да бидете она што сте!

„Оваа книга е наменета за сите вас кои сте свесни за тоа дека треба да го промените сопстевниот живот, но и понатаму се борите со својата неспособност да го изберете вистинскиот пат или да делувате во согласност со своите одлуки. Се надевам дека ќе успеам да ве уверам дека за оковите за кои сте врзани, кои ве заслепуваат, ве оптеретуваат и ве обесхрабруваат сами сте си одговорни и дека еден ден кога сето тоа ќе го прифатите и спознаете, ќе го најдете клучот за разрешување на своите неодлучни постапки во врските. Целта ми е оваа книга да ви помогне да соберете храброст да преземате ризик и да воведете промени кои ќе ви овозможат да живеете осмислен и поубав живот.“ – вели авторката Беверли Стоун.