Кога општеството потфрла, кучето Бен му помага на момчето со церебрална парализа (видео)

35-годишниот Александар од Скопје боледува од церебрална парализа. Пред пет години, не можејќи да се носи со последиците од болеста, тој запаѓа во психичка криза.

Тогаш во неговиот живот влегува Бен, двомесечен лабрадор кој поминува низ специјална дресура за да помага на лица со попреченост.

Му ги носи патиките кога треба да одат на прошетка. Ја носи кесата кога одат да пазаруваат. Со часови играат со топка. Оди до него, истрениран да го штити и да ги препознава бариерите.

А бариери има многу.

Почнувајќи од непристапниот терен по скопските улици, неприлагодени за лица кои се движат со количка, до неможноста да влезе во било која институција со куче – придружник, преку погледите на луѓето кои не можат да ја разберат природната конекција меѓу куче и човек на кој му треба помош.

„Бен е фактички како човек. Да не ги навредам персоналните асистенти, но Бен му е персонален асистент на Александар“, вели Зоран Велески, татко на Александар.

На прашањето дали неговиот син може да влезе со кучето – помошник во некоја од македонските институции, тој одговара:

„Тешко“, додавајќи дека во Европа секаде е дозволено да се влезе со куче, во ресторани, кина, маркети, додека кај нас на кучето – придружник се гледа како на ѕвер, а луѓето се плашат.

Кучето му помага на младиот Александар подобро да се носи со тешката дијагноза, но државата замижува. Финансиската помош е мала, нема центри каде што тој може да престојува преку ден, а голем дел од лековите, семејството ги купува приватно.

„Има луѓе со церебрална парализа кои можат да работат, еве Александар работи на компјутер. Државата треба да поведе сметка за тие лица кои можат да работат“, вели таткото на Александар.