Кога небото станува единствен покрив над главата: Исповед на еден скопјанец кој живее како бездомник

Скопјанецот Бајрам е човекот што живее како бездомник во напуштен автобус на паркингот кај спортската сала „Борис Трајковски“.

Во него тој чува разни видови пластики, храна за кучиња и ѓубре. Во внатрешноста на автобусот надлетуваа роеви од муви и разни други инсекти што се собираа по отпадот што Бајрам го има складирано. Храната за кучињата беше скоро мувлосана, а внатре воздух ни за лек. Предните две седишта од автобусот се неговиот кревет што го користи за да прилегне или да се одмори колку што го дозволува тој простор, пишува Нова Македонија.

На Бајрам единствено нешто што му останало во животот се двете кучиња, кои му прават друштво секојдневно. Вели дека одредени луѓе повремено му помагаат, а некои од нив го бркаат или го навредуваат. Тој повеќе од една година живее на паркингот кај „Борис Трајковски“ и од напуштениот автобус успеал да направи какви-такви услови за живот. Вели дека нема каде да оди затоа што семејството се откажало од него, а подолг временски период бил во затвор. Сега се бори за гол живот и за парче леб. Собира пластика, а повремено оди и во Центарот за бездомни лица на Црвен крст во населбата Момин Поток.

Спасот, како што вели, го наоѓа во контејнерите за отпадоци од кои собира пластика и ги складира во автобусот. Кога ќе собере поголемо количество го носи на продажба во отпад.
Иако според неговите кажувања сите се откажале од него, тој сепак се надева дека еден ден работите ќе се вратат како што биле пред многу години.

- Моето семејство се откажа од мене и сега не знам каде се. Тешко е човек да живее сам. Сѐ што имам се овие две кучиња, кои ми прават друштво, во добро и во зло. Некогаш кога немам со кого, си правам муабет со нив. Сега тие ми се мене и семејство и пријатели - низ солзи ни раскажува Бајрам.

Вели дека од отпадот што го собира успева да заработи некој денар, но како што вели, тоа е далеку од пристоен живот.

Бајрам вели дека повторното вклучување и ресоцијализација во општеството е исто така голем проблем за него. Поради проблемите во минатото сега му е тешко да фати чекор со сегашното општество. Довербата што ја имал претходно во луѓето сега сѐ помалку ја има и живее со надеж дека добрите луѓе сепак постојат во светот.