Клубот Матица го започнува Саемот на книгата „Книга во секој дом“

Традиционално, од 20-ти јануари Клубот Матица го започнува Саемот на книгата „Книга во секој дом“.

Годинава со поднаслов „300.000 книги во Матица“, читателската публика ќе може да си избере наслови од комплетната домашна и странска продукција. Во соработка со повеќето македонски издавачки куќи и реномирани светски и регионални издавачки компании како Харпер Колинс, Парагон, Орион, Делфи, Вулкан и Лагуна ќе бидат понудени најновите остварувања од домашната и светска прозаистика, архитектура и уметност, најчитаните наслови и автори од областа на економијата, филозофијата, гастрономија и лексикографија, историја и поезија, енциклопедии, книги за најмладите, креативни проекти итн.

Во деновите што следат, посебен акцент е ставен на средби со читателите на младите и веќе докажани автори, Вера Калин, Ксенија Николова, Ана Бунтеска, Евгениј Хоуп, Марија Лозаноска, Јован Илиески и Драган Јованов.

„Ваквиот начин на комуникација автор-читател ги потврдува нашите ставови дека кај нас има млади, талентирани автори кои знаат да направат светска приказна, а читателите знаат и умеат да го препознаат тоа“, велат од Матица.

Покрај домашните автори, на Саемот ќе бидат понудени најновите остварувања на светски познатите Баркли, Каризи, Рајли, Љоса, Зафон, Лејкер, Ноухаус, Содерберг, Сарамаго, Кобен и други.

Како што истакнуваат од Клубот, основната девиза на организација на ваквите манифестации е културата да се наметнува, а традицијата се одржува. Врз основа на оваа порака, 17 години преку „Книга во секој дом“ Клубот Матица ја создава и гради навиката и љубовта кон книгата, а големиот број читатели и вљубеници во книгата, само ја потврдуваат исправноста на правецот и патот по кој Клубот се води.

Според анкетата спроведена од јуни до декември минатата година, македонците читаат повеќе од 2 книги месечно, повеќе читаат во зимскиот период и најчесто купуваат книги по препорака од пријател, со што се покажува еден богат социјално културолошки живот кај нас.

Статистичките податоци од изминативе години говорат за постојан пораст на бројот на читатели, а македонската издавачка продукција бележи рекорден раст во процентуалниот дел од вкупната продажба, со што директно посочува дека домашните библиотеки се побогати со книги на македонски јазик.

Саемот „Книга во секој дом“ секоја година го посетуваат повеќе од 30.000 посетители, а покрај во Скопје, љубителите на книгите ќе уживаат и во книжарниците во Охрид, Струмица, Штип, Гевгелија, Прилеп, Кавадарци, Куманово, Струга, Гостивар, Неготино, Делчево, Кочани и други градови.

Читањето е феномен на масовната комуникација.Книгата е пријател, инспирација и учител.