
Изминатиот викенд темелно се исчисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Бројни екипи на јавните претпријатија на Град Скопје „го светнаа“ клиничкиот центар што наиде на пофалби од страна на граѓаните, иако имаше и такви кои „хејтаа“.
Но, за да се одржи нивото на хигиена, од надлежните беше побарано да се стават корпи за отпадоци на повеќе локации. Повторно, нивото на еколошката култура и домашното воспитување за основна хигиена на Македонците беа доведени како прашање за дискусија.

- Место да бидеме благодарни на Бога што сме здрави и сите на број вие плукате нешто што навистина е за поздравување.Не знам од кога не сте биле во Клинички центар ама еве јас ќе ви кажам ... тоа таму беше извор на зарази, на секој ќош по некоја медицинска маска, отпушоци од цигари, памук со фластер, празни шишиња итн итн. И сега на некој му текнало тоа да го среди вие одма со навреда. Па барем воздржете се од коментар луѓе... ова е за наше добро, коментира еден скопјанец.
- Редно беше, но ова да се прави еднаш месечно, смета друга скопјанка.
Еве дел од другите коментари на темава:
- И тука камери, редари, дежурни комуналци и високи казни за секој што ливче или отпушок ќе фрли, не па друго. И кецела и метла да чисти низ град, минимум месец дена, да му се смеат сите.
- Браво сега да може и мозокот и навиките на народот да се рестартираат супер.

- Во градов треба да постојат редари. Не само на клиника,секаде. Да се контролира насекаде. Градот не ни го валка градоначалникот туку нашата култура. Нека има редари и нека казнуваат. Само казни можат да го опаметат овој народ.
- Корпи за отпадоци на секој чекор. Да не си го носиме ѓубрето по ташни додека не стигнеме дома да го фрлиме!
- Уште малку повеќе цвеќиња и зеленило да има и почесто да се чисти супер ќе изгледа. Секако и некоја клупа повеќе.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина.