Ќерка ми се тресеше од страв и врескаше: Мајката раскажа што се случило со дефектологот во Скопје

Дефектолог, кој бил приватно ангажиран да држи часови на малолетно девојче, е пријавен за физички напад пред неколку дена во полиција.

- На 19.03.2023 во 12.30 часот во СВР Скопје, Н.П.(44) од Скопје пријавил дека на 18.03.2023 околу 16.30 часот неговата сопруга му кажала дека нивната малолетна ќерка имала повреди во пределот околу ушите, кои ѝ биле нанесени од Е.С.(36) - дефектолог од Скопје, која приватно ја ангажирале да држи часови на нивната ќерка. Со неа бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок, информира МВР.

Мајката на девојчето, Трајанка за „Република“ кажа дека долго време забележувала дека ќерка ѝ покажува страв кога треба да се оди на дефектолог, но не можеле да претпостават што се случува.

-Детево во последните две недели врескаше и се тресеше од неа кога ќе заѕвони ѕвонче. Кога и да ѝ кажев дека доаѓа Е.С. да работи, ќерка ми почнуваше да плаче. По последниот час кој го имаа, забележав дека ќерка ми има црвени уши. Се јавивме и прашавме што се случило, а таа ни кажа да провериме да не станува збор за здравствен проблем. Мојот сопруг ѝ кажа да признае што се случило, а ние ќе ѝ простиме. Таа рече дека ќе дојде да му се извини на детето ако му е полесно, по што ја пријавивме во полиција“, открива мајката за „Република“.