Ќе треба да ги правдате и докажувате и парите кои ги добивате од роднините во странство

Граѓаните ќе треба да ги правдаат и докажуваат и парите кои ги добиваат од роднините во странство поради новите измени со кои Управата за јавни приходи ќе добие слободен пристап до банкарските податоци. Ваквите приходи не припаѓаат на системот на оданочување.

- Проблематични ќе бидат средствата од родителите према децата што работат во странство. Или некои такви средства кои не припаѓаат на системот на оданочување. Луѓето ќе треба да ги докажуваат, дека тие приходи всушност се приходи од нивни блиски роднини кои се дадени како поклон. Тоа важи исклучиво за прво колено, сето останато се даночи, вели економистот Горан Рафајловски.

Граѓаните ќе ја добиваат Годишната даночна пријава од УЈП која ќе можат во целост да ја отфрлат, прифатат или да спорат одредени приходи кои сметаат дека не треба да бидат оданочени.

Рафајловски смета дека Управата била принудена да ги направи овие законски измени.

- Проблемот се јави во оној момент кога УЈП се реши сама да ја прави даночната пријава на граѓаните. Кога си ја постави таа цел мораше да направи некаква законска измена за да ги добие сите приходи и приливи што може вас да ви стасаат на една сметка, која што понатаму ќе ве оданочат, вели Рафајловски.

Засега не е познато колку вработени во Управата ќе имаат пристап до податоците на граѓаните, но од УЈП уверуваат дека податоците се сигурни. Оттаму појаснуваат дека од банките и досега добивале податоци, но во хартиена форма.

Податоците до УЈП најверојатно ќе се доставуваат на месечна основа. Оттаму велат оти се свесни дека може да се појави проблем со приходите од странство, бидејќи потребните податоци за приходите од земјава Управата ги добива и од исплатувачите.

Македонската асоцијација на банки остро се спортиставува на овие измени, бидејќи сметаат дека со ова се навлегува во приватноста на граѓаните и заштитата на личните податоци, а со тоа се губи правниот термин „банкарска тајна".

„Увид во трансакциските сметки на клиентот претставува директна повреда на неговата приватност, навики, начин на живеење, со што може да се направи непоправлива штета доколку податоците бидат доставени до трети неовластени лица или бидат објавени во јавност. Ова може негативно да влијае на довербата на граѓаните во банките, која макотрпно се гради последниве 20-тина години" - велат од Македонската асоцијација на банки.

Банкарите бараат јавна расправа за да се разгледаат сите опасности кои може да ги донесе овој закон, а ако законот помине, тогаш ќе мора прецизно да се дефинира кои податоци, и во кој обем и рок ќе се разменуваат, како и начинот на чување, но и на нивно уништување.

Со измените се предвидува увид во банкарските сметки да добие и Царинската управа, но со поднесување на писмено барање до банките. На тој начин ќе се овозможи Царината да врши присилна наплата на царинските давачки.