Какво време нè очекува за велигденските празници – студен бран или пролетно сонце? Официјалната прогноза на УХМР и најавите на метеорологот Славчо Поповски даваат различни нијанси за времето во наредните денови.

Според УХМР, следува период на променливо облачно време со сончеви периоди, при што во сабота во источните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Утринските температури до недела на места ќе се спуштаат под нула степени, со појава на мраз. До петок ќе дува северен ветер, а од сабота попладне ќе го смени правецот во југоисточен.
Температурите ќе се движат во интервал од -3 до 6 степени наутро и од 11 до 19 степени во текот на денот за 10 април, додека за 11 април минималните ќе се спуштат до -4 степени, а максималните ќе достигнат до 18 степени. За Велигден (12 април), се очекуваат утрински температури од -2 до 5 степени и дневни до 21 степен.
Од друга страна, метеорологот Славчо Поповски предупредува на значително постуден бран кој ќе ја зафати земјата во периодот од Велики Четврток до Велика Сабота. Според него, времето ќе биде променливо и значително поладно, проследено со засилен до силен северен ветер, кој на моменти може да достигне и до 60 километри на час, особено во Повардарието и источните делови.
Сепак, и двете прогнози се поклопуваат во едно – за самиот Велигден времето ќе се стабилизира. Поповски најавува претежно сончево време, но со студено утро и слаб до умерен јужен ветер во текот на денот.
Иако температурите ќе бидат пониски од вообичаените за овој период, се чини дека празничниот ден ќе помине во мирна и сончева атмосфера – со јасна порака дека утрата ќе бидат студени, но деновите пријатни.