Ќе се сечат црешите на Максим Горки

Дел од јапонските цреши на улицата Максим Горки во Скопје ќе се сечат оти се заболени. Седум јапонски цреши кои се наоѓаат во дрворедот од едната страна на улицата имаат габични заболувања, па поради тоа се исушени, пишува СДК.

Како што велат од Општина Центар нема начин да се спасат и затоа мора да се исечат а на нивно место ќе се засадат нови.

„Јапонските цреши се многу нежни дрвја. Која е причината поради која се заболени, не знаеме. Можно е така да биле донесени, па после извесно време да се појавило габичното заболување. На дрвјата има габи големи колку гроздови, може да се случи да се заразат и останатите дрвја околу нив. Затоа наши екипи откако направија увид испратија допис до Град Скопје кој треба да издаде решение за сечење а екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ да ги исечат“, велат од Општина Центар.

Од таму додаваат дека ќе се засади нов дрворед од јапонски цреши во рамките на акцијата на Град Скопје за зазеленување на градот.

„Апелираме до фирмите кои се наоѓаат на оваа улица, кога се чистат објектите да не истураат вода со хемикалии во дрвјата. Не е тоа причина за појавата на габичното заболување но сепак и тоа влијае на дрвјата“, додаваат од Општината.

Улицата Максим Горки е позната по дрворедот од јапонски цреши. Првите дрвја од овој вид беа засадени пред десетина години. Дрвјата кои сега се заболени и ќе се сечат ги засади Општина Центар пред 4 години.