Ќе се сечат бадникови гранчиња в недела во Говрлевска Краста на Водно

Во недела во месноста Говрлевска Краста (на јужните падини на Водно), а во рамките на годинашната прослава на Бадник, традиционално ќе биде организирана средба на скопјани со кумот и здравичарот на Бадник 2019.

Годинешнава прослава што се одржува по 27. пат го организира Граѓанското здружение Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје.

– На скопјани ќе им биде обзнането дека се е готово за централното одбележување на Бадник, на 6 Јануари, на платото пред Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје. Уште еднаш ќе бликнат радост и среќа со бадниковото гранче, нафората и голтката топла ракија во пресрет на Бадник и во предвечерјето на најголемиот христијански празник Божик. Кумот за Бадник 2019 со пајтон ќе замине со преодниот куп откако ќе прими благослов од поглаварот на МПЦ Г.Г.Стефан, поздравен од своите сограѓани,задоволни што нивниот град негува уште една убава традиција – велат од Одборот.

Точно напладне в недела ќе започне симболичното сечење на бадниковото гранче (први тоа ќе го направат кумот Љупче Николовски и здравичарот Миливое Алексиевски, како и минатогодишниот кум и здравичарот, градоначалниците на Скопје, Центар и Сопиште и други поканети гости и членови на естрадата.