Ќе се отстрануваат хаварисаните возила од територијата на Центар

Хаварисаните возила од територијата на Општина Центар ќе се отстрануваат и ќе се носат на депо во Кисела Вода. ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) оваа акција ќе ја спроведува за да се ослободат паркинзите од возила кои не се во возна состојба, а зафаќаат паркинг места. Според проценките на претпријатието, на територијата на Центар има околу 220 хаварисани возила, пишува СДК

„Најдовме локација во Кисела Вода која е со површина од 5.000 метри квадратни. Чекаме Советот на Општината да го усвои Деталниот урбанистички план за тој реон и ќе почнеме со оплеменување и уредување на просторот. Очекувам летово да стартуваме со ослободување на паркинзите од хаварисани возила“, вели директорот на ПОЦ Васко Кичевски.

Пред да бидат отстранети и однесени на депото комунален инспектор од Општина Центар на возилото ќе залепи опомена со која се информира сопственикот дека ако во рок од две недели не ја тргне колата тоа ќе го стори пајак службата.

„Истовремено, ќе побараме од Министерството за внатрешни работи податоци за сопственикот и телефонски по втор пат ќе го информираме. Ако и после овој апел хаварисаното возило стои на паркинг, ќе интервенираме. На терен имаме хаварисани возила кои стојат и по 10 години. На само што зафаќаат јавен простор туку околу нив се создава ѓубре и се лоша слика“, додава Кичевски.