
Конзорциум предводен од градежната компанија „Гранит“ ќе го гради вториот дел од автопатот Скопје-Блаце, во должина од 10,5 километри, а изградбата ќе почне летово, информираше денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски преку објава на социјалните мрежи.
Министерот очекува изградбата на автопатот да трае 3,5 години. Ќе има пет тунели, две галерии, 12 мостови, околу 40-тина објекти заедно со помалите.
Според Николоски, изборот на „Гранит“ за изведувач, е сигнал за целиот градежен сектор во државава дека може да се градат големи инфраструктурни проекти.
„Почнуваме изградба на нов автопат. Во текот на ова лето започнува да се гради автопатот Скопје-Блаце. На денешната средба со директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу бевме информирани дека е завршена постапката за избор на изведувач за изградба на автопатот Скопје-Блаце. Избран е конзорциум предводен од компанијата Гранит. После подолг временски период една домашна македонска компанија ќе гради голем инфраструктурен проект“, изјави Николоски.
Скопје-Блаце, потецира тој, е исклучително комплексен проект. На него имаме пет тунели, две галерии, 12 мостови или вкупно околу 40-тина објекти заедно со помалите објекти. Тоа е голем инженерски и градителски потфат. Но, ќе докажеме дека како држава можеме да работиме големи проекти.
„Планираме зведувачот да го заврши овој проект во рок од 3,5 години и за најдоцна 3,5 години да имаме автопатско поврзување од Скопје до Блаце, односно од Македонија до Косово и до Црна Гора. Овој Коридор е исклучително значен зашто Македонија ја поврзува со Косово и со Црна Гора, на дневна основа многу патници поминуваат по него, а со поврзувањето и со Косово и со Црна Гора се отвора уште едно пристаниште за македонскиот бизнис – пристаништето во Бар. Драго ми е што во соработка со Европската банка за обнова и развој успеавме да го завршиме овој процес, да избереме изведувач кој што сега треба да почне да работи на терен“, изјави Николоски, заблагодарувајќи се за поддршката на Европската банка за обнова и развој, како и на ангажманот на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.