Ќе се градат голф терени во скопско Зелениково

Општина Зелениково го објави третиот по ред повик за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба, оперирање, управување и одржување на спортско-рекреативен центар за голф терени.

Комплексот е предвидено да се гради во близина на селото Пакошево. Потенционалниот концесионер ќе треба да ги изгради голф терените и со нив ќе може да управува во наредните 30 години. Локалните власти во најновиот обид за пронаоѓање инвеститор извршија извесни модификации во делот на критериумите за изведба на проектот. Планираниот мост на реката Вардар нема да го гради самиот инвеститор.

Од општината се надеваат дека ќе пронајдат приватен партнер за реализација на првиот ваков спортски објект на територијата на нашата земја. Вредноста на концесискиот договор е проценета на 70.226.864 денари, без вклучен ДДВ.

Заинтересираните инвеститори имаат рок до 24 август за да ги поднесат своите понуди до општинските власти. Во двата претходна обида, општина Зелениково не успеа да привлече соодветен партнер за реализација на проектот.