Ќе се чисти повеќедецениската депонија спроти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

Инспекторатот на Град Скопје заедно со инспекторите од Општина Центар започнаа координирана акција за расчистување на голема депонија на приватен имот, лоцирана на улица Мајка Тереза, спроти Клиничкиот центар.

Станува збор за депонија која е распространета на две парцели и е создавана со децении, а на самата локација има и повеќе диво населени лица-собирачи на отпад.

-Ваквите диви населби претставуваат потенцијална опасност за загадување на животната средина и здравјето на граѓаните. На сопствениците на парцелите им е издаден налог за целосно расчистување на депониите од нивните имоти, а доколку не постапат по налогот во утврдениот рок, имотите ќе се исчистат од јавните комунални претпријатија на трошок на сопствениците, информираа од Град Скопје. 

За решавањето со проблемот со лицата кои престојуваат тука во дивата населба, појава која е присутна повеќе децении, во наредниот период ќе се преземат мерки за нивно институционални згрижување, велат надлежните. 

Чистењето на сите диви депонии во Скопје е приоритет, со цел превенција од загадување на воздухот, почвата и водите и заштита на здравјето на граѓаните, нагласуваат од Град Скопје.