
Технологијата веќе не е прашање на иднината – таа е дел од секојдневието и сè повеќе го менува начинот на кој учиме, работиме, се лекуваме и комуницираме со институциите.
Во центарот на овие промени е вештачката интелигенција, која отвора огромни можности, но и сериозни прашања за податоците, регулацијата, дигиталниот суверенитет и подготвеноста на општеството.
За македонската технолошка „сцена“ потенцијал има, но потребни се поголема видливост, подобра поврзаност меѓу институциите и создавање услови младите таленти да останат и да творат и придонесуваат во земјата. Токму овие теми ги отвораме во разговорот со една од добитничките на признанието „Жени во технологијата“, професорка на ФИНКИ и координаторка на европскиот проект ChatMED - Моника Симјаноска Мишева.
Во интервјуто зборуваме за улогата на жените во технологијата и претприемништвото, македонскиот потенцијал на светската технолошка мапа, технолошката дипломатија и дигиталниот суверенитет, но и за тоа како вештачката интелигенција може да го промени здравството, образованието и јавниот сектор.
Таа открива и зошто смета дека најголемиот проблем не е недостатокот на капацитет, туку недостатокот на видливост – и зошто, кога станува збор за вештачката интелегенција, прво мора да го „средиме сопствениот дом“.
Годинава сте една од добитничките на признанието „Жени во технологијата“. Ова не е прва награда во вашата кариера, но сепак е „најсвежа“. Како се чувствувате како исклучително успешна жена во сферата на технологијата? Што за Вас значи оваа награда?
Наградата најсилно ја почувствував за време на церемонијата на доделувањето, кога Претседателката на Републиката, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, ни се обрати со говор што нè поттикна да станеме посвесни за сопствените достигнувања.
Само благодарност до основачката на Women in Tech® Global, Ayumi Moore Aoki, и до Моника Ризовска Таневска, претседателка на Women in Tech Macedonia, не е доволна. Тие развија иницијатива за препознавање на потенцијалот и вреднување на работата на жените кои често немаат време да застанат и да му погледнат на успехот в очи.
До самата награда ме донесе европскиот проект ChatMED, со кој раководам. Преку него допрев до институциите одговорни за трансформација на здравството со вештачка интелигенција (ВИ), и токму од нив дојде номинацијата за ова признание, а дополнително ме номинираше и мојата матична институција, ФИНКИ. Тоа за мене е особено значајно. Признанието дојде и од оние со кои работам на терен, на конкретна промена, и од средината која секојдневно ја гледа таа работа одблизу.
Видливоста од вакви размери ме потсетува дека и јас, како и сите успешни луѓе, поминувам низ предизвици кои влијаат на мојот живот на најразлични начини. Но, наместо да се задржувам на сопствените падови, издигнувања, стравови и предизвици, за кои денес многу често се зборува на социјалните мрежи, јас повеќе би зборувала за влијанието што успехот треба да го има врз општеството во кое живееме, а не само врз личната кариера. Оттука, пред сè, сакам на читателите да им објаснам што мојата награда значи за НИВ.

Се дава ли доволно простор и поддршка за жените во Македонија кои се во технологијата и во претприемништвото?
Овој одговор зависи од тоа во која фаза од животот се наоѓа жената. Доколку сѐ уште нема оформено семејство — да, поддршката е еднаква како и за мажите. Доколку се работи за периодот по оформување брак и семејство, формата на поддршка треба значително да се промени доколку сакаме нејзиниот потенцијал да се искористи до максимум. Тука веќе не се работи само за вложување во кариерата на жената, туку и за вложување во младиот потенцијал што треба да израсне од овие жени и кој е иднината на општеството.
Кога вложуваме во луѓето, кога помагаме и олеснуваме, всушност не му помагаме на никој друг освен на себеси. Да се помогне на вработен значи да му се овозможи да биде попродуктивен.
Да се помогне на жените значи да им се олесни нивната биолошка задача, да бидат посреќни и да одгледаат поздрави и посреќни деца. И така, општеството е круг — колку повеќе вложуваме во луѓето, толку повеќе ќе ни се врати.
Жените и мажите се биолошки различни, па буквалната еднаквост меѓу нив резултира во нееднаквост на која треба уште многу да се работи. Влогот што една жена го дава за да постигне резултати не би го споредувала квантитативно, но сите сме свесни за тежината на улогата на жената во семејството и за дополнителниот напор што е потребен паралелно да се постигнуваат резултати. Уште повеќе, да се биде претприемач е како да се има уште едно семејство кое бара уште поголема посветеност.
Оттука, ќе кажам дека вистинските предизвици почнуваат кога жената ќе реши да оформи семејство. Тогаш општеството, за жал, сѐ уште нема конкретен механизам за поддршка.

Каде е позиционирана Македонија со својата технолошка приказна на светската мапа? Заостануваме ли зад земјите од регионот?
Со задоволство ќе одговорам: НЕ! Не само што не заостануваме, туку сме нација која навистина сака да прифати технологија и, уште повеќе, има технологија и инженерски капацитет што може да ги понуди. Македонија денес не е само учесник, туку и носител на европски проекти од највисок ранг: на ФИНКИ/УКИМ го координираме ChatMED, проект од Horizon Europe за побрзо прифаќање на вештачката интелигенција во здравството.
Неодамна, ФИНКИ/УКИМ го доби и проектот Везилка, кој претставува антена на европските фабрики за ВИ. Тоа значи дека и јавниот и приватниот сектор ќе можат да ги искористат пресметковните и умствените капацитети што ги носи овој проект.
Она што ни недостасува не е капацитет, туку целосна слика за тој капацитет и, што е најважно — ВИДЛИВОСТ.
Никој денес не може на едно место да види што сè оваа земја поседува како истражувачки и технолошки потенцијал — податоците се расфрлани по институции, регистри и извештаи. Неодамна имав можност директно да разговарам со креаторката на Global Index on Responsible AI, д-р Рејчел Адамс, во чија листа нашата земја е позиционирана на 59. место од 135 евалуирани земји.
При пресметувањето на позицијата земени се предвид пет димензии. Но, од неформалниот разговор со креаторката дознав дека овие податоци се добиени од јавно достапни извештаи на Интернет, а не преку директна комуникација со институциите во С. Македонија.
Токму новиот инструмент наречен NEO — National Evidence Observatory (Национална опсерваторија на докази), за кој ќе зборувам подоцна, е создаден за да собира и поврзува податоци од проекти, публикации, домашни компании, домашни истражувачи, истражувачи- соработници во странство, министерски стратегии и дигитални закони, и врз основа на нив да произведува национални извештаи засновани на докази. Кога ќе ја имаме таа слика, на прашањето „каде сме на мапата“ ќе одговараме со факти, а не со парцијални впечатоци.

Сте дел од првата генерација на шестмесечната Глобална извршна програма за технолошка дипломатија и дигитален суверенитет во Париз, поточно ќе работите на развивање механизам за јакнење на дигиталниот суверенитет. Какви бенефити има конкретно Македонија?
Номинацијата дојде директно од Претседателката, која ме предложи за првата генерација на Глобалната извршна програма за технолошка дипломатија (Tech Diplomacy Global Executive Program) во Париз. Дописот за предлог-кандидат пристигна до Претседателката, со понуда за целосно стипендирање на еден кандидат, еден месец по добивањето на наградата.
Тоа што сум дел од првата генерација за мене е и чест и одговорност: во програмата учествуваат луѓе кои ги обликуваат дигиталните политики на своите земји, а Македонија доби свое место на таа маса. Уште повеќе, тоа искуство дојде во момент кога истражувањата од академската средина треба да се преточат во практични продукти. Секој што се соочил со пласирање на продукт знае за какви предизвици станува збор.
Не можеме едноставно да ја прифатиме ВИ само со прифаќање на софтверот за работа. Прифаќањето на ВИ со себе носи и цела низа регулативи, инфраструктурни предуслови и потреба од човечка подготвеност. Затоа, оваа школа дојде во вистински момент за мене, токму кога треба да научам што значи да се преговара за технолошки ресурси што една мала земја не може во целост да ги поседува.
Бенефитите за земјава се многу конкретни. Прво, пристап до глобална мрежа на технолошки дипломати, институции и експерти со кои се градат партнерства што инаку тешко се воспоставуваат. Второ, знаењето од програмата не останува кај мене како поединец, тоа се преточува во NEO, инструмент кој ќе биде хостиран на ФИНКИ/УКИМ како постојана работна група за технолошка дипломатија, достапен на институциите. И трето, видливост: во декември завршната работа ја претставувам во Париз, а резултатите ќе бидат презентирани и дома, на највисоко ниво.

Што всушност значи дигиталниот суверенитет.
Дигитален суверенитет значи една држава да може самостојно и информирано да одлучува за својата дигитална иднина, за своите податоци, инфраструктура и технолошки приоритети. А за да се одлучува самостојно, прво мора да се знае што се поседува. Шестмесечната програма е многу добро замислена и не се сведува само на сува теорија.
Бевме и директни учесници на Глобалниот форум за технолошка дипломатија — Tech Diplomacy Global Forum 2026, на тема „Building Trust in a Fragmented Era“ — кој се одржа на 2 јули 2026 година во седиштето на УНЕСКО во Париз. Предавачите се луѓе со богато практично искуство.
Имавме можност да слушнеме предавање од Casper Klynge од Данска, првиот технолошки амбасадор во светот. Имав можност да разговарам и со амбасадорката на Естонија во Париз, како и да ја посетам Бразилската амбасада во Париз. Ги споменувам токму овие земји бидејќи имаме многу што да научиме од нив.
На пример, Естонија е пример за мала земја која постигна целосна дигитализација на јавните услуги. По воведувањето на е-брак во 2022 и е-развод во 2025 година, физичко присуство практично се бара уште само за самата свадбена церемонија.
Бразил има интересен пристап кон промоцијата на приватниот сектор: во секоја своја амбасада има посебна програма за технолошка дипломатија која ги промовира капацитетите на земјата со цел отворање нови компании.
Данска е исто така одличен пример. Таа испрати дипломат во сржта на Силиконската долина, да работи буквално во гигантските компании.
Идејата не е ние да станеме Силиконска долина; идејата е да ги научиме најдобрите принципи и да ги примениме кај нас. Оттука, НЕО има за задача да ги соедини сите податоци и глобални трендови и да им понуди на министерствата реални решенија за нивните приоритети, со конкретни примери за успешна реализација онаму каде што тоа е можно.

Образование, иновации, уметност, медицина... Каде сѐ може да биде инкорпорирана технологијата конкретно во македонското општество? Колку сме отворени за нив, има ли на некој начин страв и/или сомнеж од иновациите и нивната примена? Доволно ли издвојува државата средства во оваа насока?
Буквално секаде — во образованието, здравството, културата, администрацијата. Државата активно ги идентификува своите приоритети и не би рекла дека главниот проблем се средствата. Нашиот вистински проблем се недоволната транспарентност и комуникација меѓу институциите.
Знаењето и технологиите создадени во еден проект ретко се споделуваат со следниот, па постојано „почнуваме одново“. Тоа е луксуз што мала земја не смее да си го дозволи. Стравот и сомнежот кон иновациите со ВИ постојат и се сосем природни.
Институциите често не сакаат да споделуваат сензитивни податоци од страв дека може да бидат злоупотребени на политичката сцена. Оттука произлегува потребата од низа регулативи и регистри што треба да се креираат на национално ниво, со цел да ги заштитат податоците и нивниот извор. Само со практични механизми институциите ќе стекнат доверба во ВИ.
Работите и на ФИНКИ? Какво искуство имате со младите? Имаат ли потенцијал да го кренат технолошкиот прогрес на повисоко ниво?
Студентите се главниот двигател на едно општество. На ФИНКИ секојдневно гледам млади луѓе кои не само што ја совладуваат технологијата, туку носат и претприемачки дух кој се препознава уште од најраниот период на студиите — доаѓаат со свои идеи, прототипови и прашања кои и мене ме тераат да размислувам поинаку.
Нашата задача како професори е да не им го задушиме тој ентузијазам, туку да им отвораме врати, кон проекти, кон индустријата, но и да се обидеме да ги задржиме кај нас. Потенцијал имаат, и тоа огромен.
Тенденцијата на заминување во странство по завршувањето на образованието треба да се смени, а тоа ќе го постигнеме само доколку ја зајакнеме довербата во општеството.

Вештачката интелигенција зема сѐ поголем замав. Како гледате на ова во нашата средина, како на предност, или пак отвора сложени прашања околу нејзиното поимање и прифаќање, и секако употреба?
ВИ треба да се прифати и ќе се прифати, но најинтересен е фактот што ВИ не прифаќа неред!
Секој што сака да воведе ВИ мора прво да го среди својот „дом“: ВИ бара чисти податоци, спастрени архиви, избистрени процеси и протоколи. Затоа сметам дека со проектите што тековно ги водиме за трансформација на јавниот и приватниот сектор со ВИ, не само што ќе интегрираме паметни системи, туку ќе иницираме и средување на проблеми кои не се нови, а се провлекуваат со децении.
Здравството е добар пример. За ВИ да помогне во дијагностика или следење на пациент, лекарските извештаи мора да бидат целосни и структурирани. Квалитетот на ВИ е директно ограничен од квалитетот на документацијата од која учи и врз која работи.
И тука доаѓаме до прашањето што сите го поставуваат: дали ВИ ќе ги замени лекарите? Нема! Одлуката и одговорноста секогаш остануваат кај лекарот. Човекот мора да остане последниот одлучувач. Тоа што ВИ може да го направи е да ја олесни администрацијата, пребарувањето низ историјата на пациентот и сумаризацијата на извештаите, да постави предлог-дијагноза, како и да понуди сугестии за третман кои во некои случаи се навистина неопходни.
Сепак, технологијата не може да одлучи наместо лекарот, таа може само да му заштеди време. А како општество, наместо да се плашиме дали машината ќе нè замени, треба да се запрашаме дали сме подготвени да ѝ го обезбедиме редот што ВИ го наметнува. Дисциплината е, всушност, нејзиниот прв голем придонес.