
Граѓани од скопски Центар алармираат дека сервисната улица меѓу комплексот „Капитол“ на улицата „9 Мај“ и новиот станбен комплекс што се гради на улицата „Христо Смирненски“ бр. 27 е значително стеснета, поради што се поставува прашањето дали во случај на итност низ неа ќе можат да поминат противпожарни возила или возила на Итната медицинска помош.
Според нив, улицата во минатото била поширока, но денес просторот е намален поради оградата на постојниот комплекс и градежната јама на новото градилиште.
Жителите прашуваат дали при издавањето на градежните дозволи биле земени предвид стандардите за безбедност и непречен пристап на службите за итни интервенции, особено имајќи предвид дека во населбата Буњаковец во минатото имало пожари во станбени објекти до кои, како што тврдат, било отежнато пристигнувањето на противпожарните возила.
Тие апелираат надлежните институции да извршат увид на терен и да утврдат дали се почитувани сите законски прописи и безбедносни стандарди, како и дали е обезбеден непречен пристап за возилата на службите за итна интервенција.
