Ќе има музеи, но не и нови градби - Ќе заличи ли конечно Скопското Кале?

Скопјани ја поздравија идејата за конечно да се среди Скопското Кале како едно од најзначајните историски и културни обележја на главниот град. Тоа е симбол на историјата и идентитетот на Скопје, сведоштво за неговото минато и место кое секојдневно го посетуваат туристи, ученици и граѓани.

Минатата недела неколку скопски градоначалници се приклучија кон расчистување на теренот околу Калето

Уредувањето на зеленилото е подготовка за градежните активности за обнова на двата музеја за кои се очекува да бидат пуштени веќе следната година. 

Пред неколку месеци министерот Љутков и директорката на Управата за културно наследство направиле увид на Калето и утврдиле дека е неопходно да се обноват и двата музеја.

„Двата музеја се во многу лоша ситуација, ќе треба комплетно обновување на целата механизација внатре што ја има и на климатизацијата. Направивме план и со ребалансот на буџетот обезбедивме осум милиони денари, кои ќе бидат искористени до крајот на годината. Веднаш ќе пристапиме кон распишување јавна набавка за поправка на овие простори, а подоцна и со реализација на целиот овој огромен проект, кој ќе треба веќе од 2026 година да биде пуштен во употреба. Целта е 2028 година, кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата, овој простор да биде еден од најискористените“, најави министерот Љутков пред неколку дена. 

За уредувањето на Калето, кое сега со речиси 130.000 евра треба да се поправи и да се стави во функција, од државниот буџет во периодот од 2008 до 2014 година беа потрошени приближно 4,6 милиони евра. Двата музеја беа комплетно направени, но останаа затворени, а третиот музеј, пак, познат како црква-музеј, остана недограден по инцидентите од 2011 година, иако само за него, според јавно достапните податоци, се потрошени речиси 1,7 милион евра.  

Вицепремиерот и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити изјави дека нема да има градби на скопското Кале.

Сега, вели Меџити, просторот на Калето се чисти и се отвора за граѓаните и туристите, како споменик на културното наследство.

„Обидот за изградба на црквата во 2011 година беше спречен од активисти, а оттогаш градбата е запуштена. Денес, просторот се чисти и се отвора за граѓаните и туристите, како споменик на културното наследство. Владата дејствува институционално за да избегне меѓуетнички конфликти и да го заштити наследството. Калето е доказ за политизацијата и злоупотребите од минатото, но повеќе нема да биде дозволено да се користи за политички цели или поделби. Денес, Калето е лицето на срамот на тие политики и политичари кои, за да ја одржат власта, се подготвени да дозволат какво било понижување. Состојбата во која се наоѓа овој споменик денес е потсетник дека политичарите од минатото го користеа како отскочна даска за некои луѓе да влезат во политиката тајно, а не како сериозна понуда. Калето ќе биде реставрирано во достоинствен простор што ја одразува рамноправноста и мултиетничкиот идентитет на градот. Опуштете се, нема да има политички градби на просторот!“, напиша Меџити на социјалните мрежи.