Ќе има ли неделава нови мерки за ублажување на ценовните шокови?

Владата ќе направи анализи и ако утврди дека дополнително може да влијае во делот на ублажување на цените ќе донесе нови мерки во текот на неделава. Веќе се  санкционираат дел од трговците што не ги почитуваат постојните мерки – за ослободување од ДДВ на основните прехранбени производи, и за утврдените маржи. Власта смета дека мерките се навремени и со нив се штитат семејните буџети од ценовните шокови, додека опозицијата останува на ставот дека економските политики на власта не резултираат и бара нови посеопфатни мерки.

-Дополнително, ако треба на наредната седница ќе донесеме и дополнителни мерки од автономните кои ги имаме на располагање.Тоа би било укинување на одредени квоти кои се предвидени за одредени земјоделски производи, а дополнително и царински  давачки. За одредени производи имаме царинска стапка од 29 проценти, од 32 проценти, тие ќе ги укинеме целосно,  се со цел да има што поголем број производи и можност за трговците во нашата држава да имаат поконкурентни цени. Утре, задутре ќе ги направиме последните анализи за начинот како се спроведуваат и ефектите што ги имале мерките, ако утврдиме дека дополнително може да се влијае во делот на ублажување на цените секако дека во текот на оваа недела ќе ги донесеме, најави вчера Бектеши.

Досега се направени над 1100 контроли од Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи  и се изречени соодветни казни, но, според Бектеши, мерките главно се почитуваат.

УЈП, соопшти вчера директорката Соња Лукаревска, во претходните два дена извршила 611 контроли во цела држава, а кај 114 даночни обврзници се утврдени неправилности во спроведување на одлуката за ослободување од ДДВ на основните прехранбени продукти.  Контролирани се даночни обврзници  од дејностите трговија на мало со храна и пијалаци, со месо и производи од месо, со моторни горива, кои дејноста ја вршат преку повеќе деловни единици со поголема продажна површина и остваруват промет во поголем износ. И покрај укажувањата, рече Лукаревска, имало продажни објекти на кои не им биле прилагодени фискалните апарати и наместо во група Г, лебот, брашното ТИП 400, јајцата, млекото, шеќерот, местото, оризот и маслото за јадење ги продавале во група Б односно со пресметан ДДВ од пет проценти.

Кај големите маркети се утврдени огромен број неправилности во делот на непочитување на оваа одредба и тоа во повеќе градови, а кај еден голем маркет скоро во сите негови деловни единици е утврдена одредена неправилност. Инспекторите согласно направените контроли најмногу неправилности утврдиле кај обврзници од Тетово, Струга, Скопје, Прилеп и Охрид. Утврдени се неприлагодени фискални апарати кај трговци на мало со храна и пијалаци, со јајца, со месо и производи од месо во специјализирани продавници. Од 31 контролиран продажен објект во Тетово, кај 15 биле утврдени неправилности и тоа неиздавање и неусогласени фискални сметки. Од 28 контролирани објекти во Струга, кај 12 биле откриени неусогласени фискални сметки. Од 136 исконтролирани продажни објекти во Скопје, само кај 13 е откриена неправилност. Во Прилеп и Охрид од направени 32 контроли, кај 12 биле откриени неправилности. Во Битола од исконтролирани 55 објекти, само 10 имале неправилности во работењето.Неправилности имало и кај шест продажни објекти во Струмица, Кавадарци, Гостивар и Ресен. Во Неготино неправилно работење е утврдено кај три од вкупно 17 исконтролирани трговци, додека во продажни места од Штип, Гевгелија, Кичево, Велес и Валандово непочитување на одредби од законот е утврдено кај едно продажно место. При контролите утврдено е дека кај поголеми маркети од Скопје, Штип, Охрид има неусогласеност на даночната стапка со измените на Законот за ДДВ и владината одлука за определуање на видот на добрата и временскиот период од плаќање на ДДВ.

Дел од основните прехранбени производи од четвртокот минатата недела се продаваат со нула проценти ДДВ, а од пред повеќе од една недела намалени се и маржите. Без ДДВ се продаваат лебот, брашното тип-400, млекото со масленост од 2,8, од 3,2 и од 3,5 проценти масленост, белиот шеќер, сончогледовото масло, месото и други кланични производи за јадење, белиот ориз и јајцата. Укинувањето на ДДВ-то за основните прехранбени производи е резултат на измените на Законот за ДДВ, предложени од Министерството за финансии како дел од 26-те антикризни мерки во вредност од 400 милиони евра за справување со тековната ситуација предизвикана од руско-украинската криза. Дел од пакетот за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите е и мерката за продолжувањето на примената на повластената стапка од 5 проценти на ДДВ кај електричната енергија кон домаќинствата до крајот на 2022 година, како и мерките за намалени акцизи и ДДВ за горивата.

Сите овие мерки, според СДСМ, како што изјави вчера пратеникот Дарко Каевски, веќе даваат резултати,  со укинувањето на ДДВ за основните производи се штитат семејните буџети од нови ценовни шокови, а цената на горивата постојано се намалува.

-Владата предводена од СДСМ во време на криза презема навремени и ефикасни мерки за помош на граѓаните и стопанството, изјави Каевски.

Истакнувајќи дека „кризата како да не важи за градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ поради расипништво меѓу градоначалниците од оваа партија“ Каевски го обвини опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека во јавноста глуми загриженост за економскиот стандард, а не ги повикува градоначалниците да престанат со трошење на парите и да ги пренаменат за потребите на граѓаните.

Мицкоски, пак, и вчера упати критики до власта, за како што вели, неуспешните економски политики поради кои државава е на последно место во регионот според растот на Брутодомашниот производ, а рекордер според дефицитот во Буџетот.

-Ако е успех и резултат економската политика на СДСМ која нас убедливо не закова на последното место во регионот според растот на Бруто домашниот производ тогаш јас таква политика не оправдувам и таков успех не прифаќам. Високата инфлација која е веќе двоцифрена, резултира со стагфлација во државава, и тоа за жал директно влијае врз стандардот на граѓаните на нивната куповна моќ, изјави Мицкоски  при учество на партиски семинар „Целите на локалните лидери и употребата на социјалните медиуми”.