Ќе им помогнеш да прогледаат, па ќе видат сѐ освен тебе

Посветено на мојата најдобра другарка.

Не се знаеме цел живот, ама се знаеме доволно долго за да знаеме многу, па дури и премногу една за друга. Секоја мала победа, секој пораз, секоја солза, секоја личност која го заслужувала или не го заслужила нашето срце и внимание. Тука бев за тебе.

Ги знам сите твои депресивни денови. Дури и кога мене ми беше добро, а тебе не, како да не можев целосно да им се израдувам на моите победи, ако на мојата најдобра другарка не и беше добро. Се прашував зошто толкава тага, зошто толкав бес кон светот и животот, често не разбирав, но сакав да бидам тука до тебе, секогаш кога ти е потребен пријател.

Кога ќе погледнам наназад, не можам да се сетам на ниту еден ден или момент кога сум била отсустна или незаинтересирана. Мислев дека немаш никој друг освен мене, дека нема да можеш да ја издржиш сета болка која ти ја создаваат другите луѓе, а понекогаш и сама на себе и затоа ја носев одговорноста за твојот живот како моја.

На  твоите среќни денови се радував како да се мои. Драги ми беа сите твои љубови, сите радости и слатки работи за кои се радуваше, а кои често и не ги разбирав.

Но, животот полека стана поинаков за тебе. Поразите се далеку позади тебе, а веројатно и болката која беше дел од твојот живот. Ти го победи тој дел од себе, но наместо да им вратиш на луѓето кои ти ја нанесуваа болката, ти избра да се бориш со мене, како јас да ти ја донесов несреќата во животот.

Сега веќе си моќна, силна девојка која не ја интересираат луѓето кои и помагаа да ги преброди најтешките моменти. Немаш ниту време, ниту пак енергија да се занимаваш со тоа. Не ти е грижа како им е ним, зошто би ти било кога сега се е поинаку за тебе.

Решаваш да оставиш се позади тебе, не чувствуваш никаква одговорност за сета борба која ја поминаа со тебе, за сето одвоено време, напори и волја за тоа. Ќе дојде ден кога повторно ќе ти биде потребна нивната љубов. Можеби мислиш дека го победи животот, победи се лошо во него, но не ги заборавај оние кои секогаш беа до тебе ако беше во калта.