Ќе го добијат ли пензионерите ветеното покачување и дали повторно ќе биде 125 денари?

Зголемување на пензиите ќе биде една од првите одлуки на новата влада – оваа изјава на сега веќе актуелниот премиер на земјава, Димитар Ковачевски, предизвика низа реакции кај граѓаните.

Иако вети, не кажа колку ќе изнесува зголемувањето на пензиите, па така граѓаните побрзаа со реакции дека, како што велат, ако е како последното покачување на пензиите за „смешни 130 денари“, воопшто и не мора да се случи.

Еве што коментираат граѓаните на темата: 

-Зголемување треба под итно на минималните пензии, највисоките и не мора, но најниските пензии мора под итно барем 20% да се качат, вели еден скопјанец.

-Ако повторно се зголемуваат за 100 денари, навистина е потценување за оваа категорија на граѓани, смета друг граѓанин.

-Би требало ама не како досега. Пензиите покачени за 200 ден.???

-Најниските пензии треба да изнесуваат како минималната плата. Навистина е нехумано, човек кој работел, во третото доба да има за достоен живот, колку толку, а не само за сметки и храна, дури ни за лекови не им стигнува, гласи ставот на една скопјанка.

Последното покачување на пензиите беше изминатата година, во рамки на редовното законско усогласување на пензиите, во номинална вредност од 188 денари на ниво на просечна пензија и 125 денари на ниво на најниска пензија.