Ќе дозволи ли ЈСП милениците да се возат во автобусите и на Жичарницата?

„Зелен Хуман Град“ ја достави до в.д. директорот и до претседателот на Управниот одбор на ЈСП Иницијативата за слободен пристап на миленици во јавниот превоз.

Во иницијативата се бара граѓаните да имаат слободен пристап во возилата на ЈСП со своите миленици затворени во посебно изработени заштитни кутии (транспортери за миленици), како и во кабините на Жичницата на ЈСП со своите миленици кои може, но и не мора, да бидат затворени во посебно изработени заштитни кутии (транспортери за миленици).

Со оваа иницијатива се охрабрува одговорно сопствеништво, се овозможува еднаков третман на граѓани кои чуваат миленици, а се штити нивниот и така веќе драстично ограничен буџет, велат од ЗХГ.

Оттаму сметаат дека со овозможувањето жителите на Скопје да го користат јавниот градски превоз со своите миленици сосема очекувано е да видиме зголемување на приходот на ЈСП, што оди во прилог на претпријатието vis-à-vis финансиската неизвесност со која се соочува.

- Дополнително, фактот што лицата со миленици ќе ги внесуваат истите во возилата на ЈСП во посебно изработени заштитни кутии (транспортери за миленици) ќе спречи несакани ситуации во самите возила, односно несакан контакт со животните од страна на други корисници на јавниот превоз. Освен горенаведеното, нагласуваме дека усвојувањето на една ваква одлука ќе го доближи Градот поблиску до целта да го направи јавниот превоз примарен превоз за граѓаните, ќе создаде позитивна слика кај јавноста за претпријатието, ќе го прикаже како јавен сервис на граѓаните кој е во чекор со позитивните промени што се дел од природниот процес на напредок на општествата што секако е една од основните цели на неговото постоење, стои во соопштението од Зелен Хуман Град.