Ќе добие ли Зелениково голф терен

Една понуда е пристигната до Општина Зелениково за изградба на голф-терени. Во моментов, тендерската комисија работи на нејзина евалуација.

- Една понуда пристигна, но се уште се врши евалуација на понудата. Поради локалните избори, најверојатно, постапката ќе се пролонгира, но Антикорупциската комисија треба да каже, велат од Општина Зелениково од каде не обелоденуваат повеќе детали, бидејќи постапката е во тек.

Општина Зелениково по трет бараше инвеститор за изградба на голф-терени. За разлика од претходните два пати, кога потрагата по инвеститор заврши неуспешно, овој пат Општината реши да ги поедностави условите во тендерот.

Главна причина поради која два пати овој тендер пропаѓа беше поради условот инвеститорот освен голф-терени да мора да изгради и мост на реката Вардар. Оваа обврска во третиот тендер е исфрлена. Како нова обврска е наведено инвеститорот да изгради пристапен пат до голф-терените.
Вредноста на целата инвестиција се проценува на 1,1 милион евра. Инвеститорот што ќе ги изгради голф-терените ќе стопанисува со земјиштето 30 години. Тој ќе има обврска да изгради голф-терен со 18 дупки на површина од 50,8 хектари, Исто така ќе треба да изгради и десет бунгалови со минимум две легла, како и Клуб хаус кој вклучува кафе-бар, ресторан, продавница за опрема и простор за чување на опремата.

Во однос на инфраструктурата инвеститорот ќе треба да остави простор за паркинг, да го уреди хортикултурно, да го реши водоснабдувањето и да изгради трафостаница од 2 мегавати. На голф-теренот голферите треба да имаат на располагање 15 колички за голф. Инвеститорот треба да обезбеди и два трактори и машина за косење гринови.

Заинтересираните инвеститори во понудите требаше да достават бизнис-план кој е предмет на евалуација, број на сместувачки капацитети, број на вработени и висината на концесискиот надомест. Критериум за добивање на договорот е економски најповолна понуда што носи најмногу поени, односно 40, а бројот на вработувања според бизнис-планот и бројот на легла во сместувачки капацитети носи по 30.