Ќе биде со далечинско управување - Скопје добива нов симбол! Кулата на Водно пред отворање

Скопје наскоро и официјално ќе добие современ објект со импозантна градба на падините на Водно - стратешка кула која е највисока во целата земја. Оттаму, се отвора една убава панорама на главниот град!

Телекомуникациската кула на Водно, еден од најголемите инфраструктурни проекти во Скопје во изминатата деценија, влегува во завршна фаза. Истата служи за пренос на радио и телевизиски сигнали, мобилни комуникации и други телекомуникациски услуги, обезбедувајќи покриеност за Скопје и поширокиот регион. Кулата на Водно почна да се гради во 2013 година. 

За значењето на овој објект, лоциран во близина на Милениумскиот Крст, разговаравме со Орце Симов - претсетадел на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации  и универзитетски професор. 

Се очекува технички преглед, админитративни процедури согласно законите, по што кулата ќе биде свечено пуштена во употреба, а неофицијално убав датум за ваков настан е државниот празник Илинден. 

- За АЕК, кулата претставува стратешки објект, кој треба да обезбеди современа телекомуникациска инфраструктура, подобра организација на радиодифузните и телекомуникациските системи и поголема сигурност на комуникациските мрежи, односно, систем за контрола и мониторинг на радиофрекфенциите на територијата на Република Македонија, вели Симов за Скопје Инфо. 

Како што појасни тој, овен телекомуникациската функција на кулата каде ќе бидат сместени опремата и антените на операторите, објектот содржи и други простории, но не административни, бидејќи објектот ќе биде без посада, со далечинско управување. Ќе има простории за потребите на самата кула за нејзино беспрекорно функционирање.

- Единствено присуство ќе биде само на обезбедувањето на кулата, се надевам дека тоа ќе биде МВР. Панорамскиот дел на кулата има потенцијал да стане нова туристичка атракција на Скопје. Погледот кон градот и околината може да привлече домашни и странски посетители, слично како што е пракса кај вакви објекти во европските метрополи, нагласува Симов. 

Она што треба да се знае е дека до кулата нема да има пристап со возила. 

- Во однос на пристапот до самата кула, не се предвидува отворање на патот за слободен пристап со возила до кулата, што значи дека посетителите ќе пристапуваат само преку жичарата, пеш или преку постојните рекреативни патеки на Водно. Паркингот што е предвиден согласно одобреното сообраќајно решение е само за потребите на техничките стручни лица кои ќе доаѓаат на интервенции во техничките простории со опрема, појаснува Симов. 

Според него, доколку кулата навистина стане значајна туристичка дестинација, ќе се појави потреба од подобрување на пристапноста до неа, особено во делот на јавниот превоз, жичарницата, пешачките патеки.

- Кулата на Водно има потенцијал да стане нов симбол на Скопје, слично како што телекомуникациските кули се препознатлив белег на многу европски градови. Но, нејзиниот успех нема да зависи само од архитектурата и телекомуникациската функција, туку и од тоа колку лесно и безбедно граѓаните ќе можат да ја посетуваат и дали ќе понуди доволно атрактивни содржини за да биде жива туристичка точка во текот на целата година, оценува професорот Симов. 

Кулата е висока 155 метри, на апсолутна кота од 1.034 метри надморска височина. 

Интересно е што градбата е пријавена за учество на Светскиот фестивал на архитекти (WAF). 

- Самото учество и номинација на Светскиот фестивал на архитекти (WAF) претставува значајно признание дека објектот поседува архитектонска и инженерска вредност која привлекува меѓународно внимание. За Македонија, тоа е можност еден од највпечатливите современи објекти во земјата да биде претставен пред светската архитектонска јавност. Светскиот фестивал на архитекти е еден од најреномираните настани во областа на архитектурата на глобално ниво. Годинава ќе се одржи од 11 до 13 ноември 2026 година во Мајами, Флорида, САД. Се надеваме дека во нашата категорија ќе успееме да се пласираме во најтесниот избор, а особена чест и задоволство би било доколку ја освоиме наградата, порача Симов по ова прашање. 

Изградбата на овој објект била сложена задача. 

Според Симов, за да се опишат сите детали поврзани со реализацијата на проектот на телекомуникациската кула на Водно би биле потребни стотици страници, како што е впрочем документирано во месечните извештаи на надзорните тимови и изведувачите. 

Проектот се реализираше повеќе од една деценија – од ноември 2013 година – и се соочи со бројни предизвици, почнувајќи од финансиски и административни процедури, па сè до технички измени и дополнителни инфраструктурни зафати.

Голем дел од решенијата, како што вели, биле донесувани директно на терен поради специфичноста на објектот и неможноста одредени елементи да се изработуваат во фабрички услови.

Симов нагласува дека проектната документација претрпела неколку измени, кои согласно законските процедури биле внесувани во нови одобренија за градба.

Особено ја истакнува примената на иновативни градежни технологии, меѓу кои и SCC самоливниот бетон, употребен за првпат во ваков обем поради густо поставената арматурна мрежа. За потребите на изградбата била изградена и специјална фабрика за бетон со сопствена лабораторија за испитување на квалитетот.

Дополнително, за првпат била употребена и PERI клизна, хидраулична и самоносива оплата, што претставувало значаен технолошки исчекор во домашното градежништво.

Според Симов, биле изработени и два модели на кулата. Првиот, во размер 1:100, бил тестиран во аеродинамички тунел во реномиран институт во Бохум, Германија, каде што било утврдено дека конструкцијата останува стабилна и при ветер со брзина до 160 километри на час.

Вториот модел, во размер 1:10, бил користен за сеизмички тестирања во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИС во Скопје. Како што наведува тој, кулата издржала симулирани потреси до 10 степени според Рихтеровата скала без појава на пукнатини.

Во рамки на проектот биле изградени и четири платформи за поставување телекомуникациска опрема за операторите и државните институции, меѓу кои Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.

Симов додава дека на височина од 112 метри е поставен челичен решеткаст столб висок 27 метри, а во следната фаза со хеликоптер ќе бидат монтирани уште три сегменти од по пет метри за UHF, VHF и FM системите. Со нивното поставување, вкупната висина на кулата ќе достигне 155 метри на апсолутна кота од 1.034 метри надморска височина. 

Симов посочува дека, врз основа на целокупната документација и извештаите од надзорите и изведувачите, се врши финален увид на телекомуникациската кула на Водно. По констатираните забелешки, изведувачот е должен во рок од 30 дена да ги отстрани недостатоците, по што Комисијата повторно врши контрола и изготвува завршен извештај за издавање на употребна дозвола.

Тој додава дека по добивањето на дозволата, објектот ќе биде впишан во јавните книги и ќе премине во сопственост на АЕК.

Според него, процедурите од нивна страна ќе бидат завршени во наредната недела, а целата постапка би можела да се заокружи до средината на јули, со можност за свечено отворање на 2. Август.