
Со света литургија по повод празникот посветен на заштитникот на општината Свети Ѓорѓи Победоносец, со молитва и во присуство на голем број верници општина Кисела Вода започна со празнување на овој ден.
„Одбележувањето на Ѓурѓовден, претставува значаен ден за сите нас – ден кога заеднички се навраќаме на традицијата, ги вреднуваме духовните вредности и ја истакнуваме посветеноста кон напредокот на нашата локална заедница. Св. Георгиј Победоносец, како заштитник на општината, е симбол на храброст, на верба и снага – вредности што се вградени и во нашиот општински идентитет и мисија.
Според некои легенди, оваа црква датира уште од времето на Јустинијан, односно од почетокот на 6 век и мојот народ, овој празник го прославува со огромна почит векови наназад. Според Библијата, светецот Ѓорѓија Победоносец издржал најсурови мачења, но останал истраен во својата верба во Бога и никогаш не се откажал. Да останеме и ние, да истраеме и да се сплотиме за да испишеме уште поубави поглавја во приказната за наша Кисела Вода, Скопје и Македонија. Да сте ми здрави и живи и нека овој ден дава радост и бериќет во секој дом“, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.