Кинотека од денеска ќе прикажува филмови во кино салата

Филмовите во рамки на програмата на Кинотеката од денеска ќе се прикажуваат во нејзината киносала.

Од Кинотеката информираат дека задолжително e носењето лична заштитна опрема (маска) за сите посетители на киното, маската е задолжителна за цело времетраење на посетата на киното, во сите простории: хол, тоалет, кино сала за цело времетраење на проекцијата, задолжително е одржување физичка дистанца од 1,5 до два метри меѓу посетителите пред билетарницата, пред влезот во холот, пред влезот во кино салата и евентуално купување на шанкот, не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката во холот или кино салата, задолжителна е дезинфекција на рацете за сите посетители при влез во киното, задолжително ќе биде мерење на телесната температура на сите посетители при влез во киното.

Билетот, како што се посочува, се купува на билетарница и задолжително е одржување дистанца од 1,5 до два метри, задолжително е седење само на местото за седење обележано на билетот, а користењето на тоалетите е ограничено на максимум двајца посетители во исто време.

Во рамки на програмата на Кинотеката вечер во 19 часот ќе биде прикажан полско-британско-францускиот филм „Студена војна“ во режија на Павел Павликовски. На 9 октомври ќе биде прикажан јужнокорејскиот филм „Паразит“ во режија на Бонг Џун Хо, а на 10 октомври француско-италијанскиот филм „Офицер и шпион“ во режија на Роман Полански.

Од 13 до 15 октомври во Кинотеката ќе се одржи Интернационалниот фестивал на дебитантски филмот „Киненова“, а на 17 октомври ќе бидат прикажани филмовите „Мартин Идн“ во режија на Пјетро Марсело и „Вистината“ во режија на Хироказу Корееда.