
Колеги, фанови, познаници и пројатели се простуваат од познатиот македонски актер Кирил Поп Христов – Кили кој почина вчера во Еквадор на 58-годишна возраст.
Кили важеше за еден од највпечатливите современи македонски актери, со бројни филмски, телевизиски и театарски улоги. Публиката ќе го памети по настапите во филмовите „Тетовирање“, „Бал-кан-кан“, „Збогум на 20-от век“ и „Панкот не е мртов“, како и по значајните театарски улоги во претставите „Ричард Трети“, „Злосторство и казна“ и „Ослободување на Скопје“. Остави трага и во телевизиската продукција со улоги во „Трст виа Скопје“, „Бумбари“ и „Досие Скопје“.
За него, многумина, ќе кажат дека беше уникатна појава, која, за жал државата не успеа да ја задржи тука!
Емотивни зборови упатуваат голем број почитувачи на неговите лик и дело!
- Почина и Кили, можеби една од најуникатните појави во Македонија, сигурно еден од најдостоинствените кој реши да го нема наместо да снима тртокласни проекти, пошто нема веќе филм, серија, претстава туку само проекти, наместо да гостува на секоја емисија и да зборува за како било, се појавуваше еднаш на неколку години - фрлаше бомба и се повлекуваше оставајќи ни фрази и впечатоци кои некои цел живот не успеваат да ги остават. Нека почива во мир и сочувство до семејството... сподели познатиот инфлуенсер Божидар Божо.
- Кили друже мој од старо маало кај парк, каде одлета прерано кон синото небо во твојата втора татковина. Помина низ премрежја на тешка болест - канцер, беше уверен дека алтернативната медицина и далечната земја ќе ти помогне во лечењето, и беше во право.По изјавата на твојата сопруга си заминал мирно во сон, од инфаркт. Неверојатен во Тетовирање, одличен во музиката, мултиталент. Еден и единствен, роден бунтвоник, друже мој. Ќе завршам во твој стил - Ма немој да ме ј..беш бре! - упатен кон сите комформисти, опортунисти, малогаѓни и простаци... напипша активистката Ана Глигорова во чест на Кили.
Од Кили се простија и на Фејсбук страницата „Ѓорѓи Колозов“ и од „Златна Бубамара“.
- Отпатува Кили, мојот колега и пријател со сите свои улоги и аплаузи во другата димензија! Работевме заедно пред камерите и на театарската сцена! Загубата на неверојатно талентиран актер не е само загуба за неговите блиски, туку остава голема празнина и во светот на филмот и театарот! Неговата посветеност и страст кон сцената беше инспирација за сите нас кои работевме со него на сцената! Со својата искреност,харизматичност, емотивност ја освојуваше публиката,но и нас колегите! Вистинските уметници никогаш целосно не заминуваат... - напиша неговата колешка Јасмина.