Карпош мапираше критични точки за потенцијални депонии

Надлежните служби во Карпош мапираа 13 локации на територија на Општината каде има создадено отпад на јавни површини. Преку стратешки пристап и нивно мапирање, локалната самоуправа презема мерка за чистење на овие т.н. диви депонии.

Од општина Карпош соопштија дека како дел од мерките и активностите предвидени во Акцискиот план за спроведување на мерки и активности дефинирани со ЛЕАП (Локален Еколошки Акционен План за 2019 година, од областа отпад), Секторот за екологија и енергетска ефикасност започна со евидентирање и изготвување на листа и мапа на ѓубришта на територија на Општина Карпош.

За истата цел, Секторот соработувал со урбаните заедници во Општината. Урбаните заедници, од нивна страна пак, пријавиле можни локации за несоодветно и несовесно одлaгање на отпад на територијата на Карпош.

– При оваа акција е констатирано дека е зачестена појавата на несовесно одлагање на отпад на повеќе локации, јавни површини во oпштина Карпош каде што се поставени контејнери. За таа цел, изготвена е мапа на покритични ѓубришта на територија на Карпош, а и Општината веќе презема превентивни и конкретни активности тие да не прераснат во депонии, наведуваат во соопштението. Локалната самоуправа ги интензивирала инспекциските контроли, со тоа што десет службеници од урбаните заедници добиле овластување за комунални редари, со цел да се санкционираат загадувачите на терен. Општина Карпош започна со чистење на овие критични локации. Минатата недела се исчистила депонијата во Злокуќани, кај фудбалското игралиште.

Се подигнале депониите кај „Газела“ (спроти Карпош 4) и во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“. Како што соопшти Општината, следува чистење на депонии во близина на реката Лепенец и од другата страна на мостот „Газела“. Започнавме со информативна кампања, која ќе допре до сите граѓани за правилно одлагање на џебниот, комуналниот, кабастиот, електричниот и електронскиот отпад. Врз основа на подготвената мапа, комуналните служби на Карпош се фокусираат на чистење на јавните површини, како и на комуникација со градските власти и јавни претпријатија, за „загрозените“ површини кои се во нивниот делокруг на работење, стои во соопштението.